Темен режим Режим на светлина

Одговор до холандскиот амбасадор со контра прашање

Секој ден во Македонија се отвораат нови болни прашања. Одговорите обично треба да ги дава власта, ама јавноста обично и не добива одговори.

Во последно време и западните дипломати во земјава почнаа да поставуваат отворени прашања. На пример холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп на македонска телевизија беше директен со прашањата.

– Неопходните реформи можеа да бидат направени пред 10-15 години, а не беа направени. Прашањето е каде се милијардите, каде се и што се случи со обуките што ги спроведувавме? Зошто сите нови правила и регулативи не се правилно имплементирани? Дали е тоа прашање на менталитетот?, истакна и праша холандскиот амбасадор.

Ги слушна ли актуелната македонска Влада прашањата од амбасадорот, ќе има ли конкретен одговор? На пример вицепремиерите Груби и Маричиќ може да објаснат зошто не се спроведуваат реформите, а и каде се парите. Нека си одберат кој на кое прашање ќе одговори и двајцата се експерти и се на важни функции. И двајцата на македонската јавност цело време им даваат објаснувања дека се се работи во корист на Македонија.

Овие две прашања се на место, добро се конципирани од амбасадорот и не треба да се одолговлекува со одговорот.

А треба да се одговори и на прашањето околу менталитетот. Само, не е до крај јасно дали дипломатот мисли на менталитетот на министрите или на менталитетот на сите македонски граѓани.

Затоа можеби одговорот би бил најсоодветен со контра прашањa:

А кои и чии дипломати, комесари, државници… не така одамна ги учеа македонските политичари дека можат да истераат некои болни работи за Македонија (како она за името) на „балкански и рационален начин“? Има ли тоа сега влијание во опуштеноста на нашите раководни политичари и при други прилики – настани да си тераат на балкански начин?

Впрочем токму холандскиот амбасадор неодамна порачуваше на македонската јавност „треба да се затне носот и да се голтнат уставните промени“. Па можеби македонските министри „охрабрени“ исто така си велат: „треба сите да го затнат носот и да голтнат како ние ја раководиме земјава“?

Очигледно е дека: Треба сите да се вратат на вистинските европски стандарди. Сите. Само, на таков начин најдобро ќе се гради вистинскиот „менталитет“ на оние кои раководат со Македонија.

И да расчистиме, менталитетот на огромниот дел од населението во Македонија не е ист со тој на политичарите. Кај граѓаните само понекогаш има сосема друга фалинка во менталитетот која најчесто на самите нив им се удира од глава.

 

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Тренчевска: Легитимно право е да се протестира, но легитимно право е и да се каже вистината

Следна објава

Пак заѕвони ѕвончето на Детската клиника: Малата Ангела ја победи тешката болест