Одложено судењето против Максим Димитриевски

Одложено е денешното рочиште во Основниот суд во Куманово против градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, во случајот во кој е обвинет за злоупотреба на службена положба и овластување од страна на ОЈО Куманово. Причина за одложувањето е што неговата одбрана побара време да биде запознаена со новите докази што денеска ОЈО Куманово ги предложи како нови опред судот.

Димитриевски по рочиштето изјави дека секогаш пред изборите се соочува со вакви притисоци.

-На следното рочиште во судницата ќе кажам дека ќе се ставам во интерес на заштита на јавниот интерес, а не на приватниот интерес. Значи, ниту сум спречил, ниту имам намера да спречам спротивно на законот некој да гради згради, висококатници, но кога се работи за интерес на училишта, школски диспанзери, медицински објекти, итекако е јавен интерес и јас сум должен истиот да го штитам, порача Димитриевски од пред Судот.

Според него, оваа, како што вели, фарса е во контекст на изборите и смета дека истата ќе доживее едно фијаско.

-Јас овде јавно ветувам дека ќе се заложам максимално во следниот период од позицијата за која што претендирам да го демонтираме овој узурпиран судски систем кој што постои во соработка со обвинителскиот и Министерството за внатрешни работи во целост. Затоа што во континуитет се случуваат вакви нарачки од носители на високи политички функции од власта, или во конкретниот случај луѓе од високиот лидершип на СДСМ, да ги злоупотребуваат институциите на системот и да ме доведат и мене и луѓе како мене во ваква состојба. Но ова не ме обесхрабрува туку дополнително ме мотивира, рече тој.

Се работи за прво рочиште против градоначалникот за случај со недобивање дозволи за градење на висококатници во Куманово. Следно рочиште е закажано за 30 април.

Претходна вестОд 1. jуни летови од Скопје до грчкиот остров Крф
Следна вестВо векот на информатиката, кај нас студентите – информатичари простор за студирање немаат