Од личниот рејтинг и од рејтингот на потенцијалните политички поддржувачи, т.е. партиите кои би му дале поддршка, ќе зависи одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски дали ќе се кандидира за втор мандат за претседателските избори напролет.
Одлуката се очекува да ја соопшти на крајот на јануари или почетокот на февруари, најверојатно пред објавувањето на кандидатот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ закажано за конвенција на 2 март.
Според Пендаровски, потребна е поддршка од партија затоа што, рече, „независен кандидат никогаш во историјата на Македонија не победил“ исто како што „многу тешко може да победи и чисто партиски кандидат“.
-Ако постојат потентни политички партии, секако не на ниво како во 2019 зашто тоа е невозможно, но партии кои ќе сакаат да ми ја дадат поддршката и ако тука може да се направи комбинација меѓу она што значи граѓанска Македонија и партиска Македонија, мислам дека шансите се сериозни….Може во втор круг да влезете, но за да бидете претседател треба нешто надвор од партиските електорати и партиските гласачи, нешто што се нарекува граѓанска сцена, граѓани кои не се поврзани со политички партии, кои не гласаат на секои избори, па треба да ги мотивираш баш за тебе да излезат и да гласаат. Што кај нас станува се потешко и потешко затоа што мотивацијата кај луѓето со годините се намалува зашто секоја сукцесивна политичка гарнитура, за жал, не го испорачува она што го ветува, рече Пендаровски вечерва во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Соопшти дека со лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски засега нема разговарано на таа тема, но се очекува тоа да биде на дневен ред по Нова година. Редовни средби, рече, има со претседателот на Владата и со лидери на парламентарни партии на кои разговараат за тековни политички прашања, но не и за кандидатурите.