Темен режим Режим на светлина

Кочо Рацин бестрашно се борел да дојдат белите мугри за Македонците кога имало многу црнила

Денов треба да му го посветиме на Кочо Рацин. Роден е пред 115 години на денешен ден, на 22 декември 1908 година во сиромашно велешко семејство. Всушност, на овој голем Македонец треба да му посветуваме многу повеќе време оти делата негови се добар патоказ како се сака и се работи за сопствената држава и народ.

Младиот Кочо, кога имал само 16 години, во 1924 година се вклучил во напредното движење кое сака слобода за обесправениот македонски народ и за развој на неговиот идентитет и култура. Во ноември 1928 година учествува во работата на Четвртиот конгрес на КПЈ во Дрезден, како единствен делегат од Македонија.

Во 1934 година осуден е на четиригодишната затворска робија, но благодарение на амнестијата којашто се случила следната година е ослободен. Времето поминато во затворот за него всушност претставува период на учење, а во затворот во Сремска Митровица со останатите затвореници Македонци, тој се обидува да состави речник на македонскиот јазик и учествува во преводот на „Комунистичкиот манифест“ на македонски јазик…

Потоа, во 1938 година живее во Белград за да следната година се случува она што ќе го одбележи за целиот негов живот – објавувањето на стихозбирката „Бели мугри“ која ќе стане темел на модерна македонска литература. Во меѓувреме пишува и објавува неколку статии и трудови од областа на литературната критика, филозофијата и историјата, што од него ќе направат најпознат македонски интелектуалец и прогресивен мислител на просторите на тогашното Кралство Југославија.

Пак бива затворен од јануари до март 1941 година, а по фашистичкиот напад врз Југославија заминува во Софија каде кратко живее заедно со својот сограѓанин Коле Неделковски и со Волче Наумчески. Набрзо по смртта на Коле Неделковски, околу 4-5 септември 1941 година, Рацин се враќа во Македонија и извесно време работи во Народната библиотека во Скопје. Во мај 1943 година им се придружува на партизанските единици, учествува во борби, станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат”…

А сите тие години Кочо се воздигнува и како писател. Неговото творештво опфаќа неколку области: поезија, проза, историски списи, философски списи и литературна критика. Својот најголем придонес го дава во областа на поезијата, особено со стихозбирката „Бели мугри“, но и во останатите области дава важни придонеси, кои главно се во сенка на неговото поетско творештво. Рацин започнува да пишува во 1928 година. Од февруари до јули на својата љубов Рахилка Фирфова ѝ ги посветува своите љубовни стихови со крв и мастило на 31 дописна картичка и стихозбирката „Антологија на болката” останата во ракопис. Картичките денес се чуваат во Архивот на Македонија.

-Го земам твоето име како мое, а затоа ти подарувам бесмртност, кондензиран воздив по тебе, “Антологија на болката”, и мое портре, ако побараш, капка крв од моето тело и душа – веќе имаш… Прости ми или проколнувај – сеедно. Едно само жалам: Што не ја чув смислата преку звукот на твоите зборови или барем нивната трага со мастило, пишувал младиот поет.

Збирката „Бели мугри“, пак, е објавена во 1939 година во Самобор, во близината на Загреб, Хрватска. Таа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски, „Народни бигори“ и „Огинот“, објавени во 1938 година. Стихозбирката е испечатена на 25 ноември во 4.000 примероци. Поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавил под псевдонимот „К. Рацин“. Стихозбирката била дистрибуирана низ целата тогашна Југославија и во Пиринска Македонија и постигнала голем успех. Таа е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми.

Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви. „Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од браќата Миладиновци. Највпечатливи мотиви во Рациновите песни се: аргатската мака („Денови“ и „Селска мака“), социјално-класната неправда („Тутуноберачите“), револуционерен повик („Копачите“), патриотски мотиви („Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“), жал за пропаднатите занаети („На Струга дуќан да имам“) и печалбарската тага („Проштавање“).

Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Тоа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Дело со кое ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван. Со „Бели мугри“ се отворил пат на современата македонска книжевност и така Кочо Рацин станал еден од основоположниците на современата македонска книжевност.

За жал, Кочо трагично го завршува својот живот. Вечерта на 13 јуни 1943 година Кочо Рацин се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, кичевско. Веќе бил на триесетина метри оддалечен од партизанот којшто ја обезбедувал печатницата… Но, тогаш и се случил кобниот настан во кој партизанот смртоносно го застрелува младиот македонски револуционер, поет, интелектуалец Кочо Рацин. Се уште постојат дилеми околу тоа убиство, дали е намерно или ненамерно.

По убиството на Кочо Рацин, неговите посмртни останки биле веднаш закопани на Лопушник, на местото на убиство. По две години, неговата мајка и блиските другари го пронашле гробот и посмртните останки ги пренесле во црквата „Св. Пантелејмон“ во Велес. Тука почивал триесет години, а потоа, по план на Сојузот на борците во Велес, коските на Кочи Рацин повторно се откопани и во метално мало ковчеже биле поставени во Споменот-костурница во Велес, заедно со останатите негови другари и борци и кадешто и денеска почиваат.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Променливо облачно со локални дождови и снег по планините

Следна објава

Одлуката за втор мандат Пендаровски ќе ја соопшти до февруари