Охрабрувачка вест: ЕУ многу сака Западен Балкан да влезе во Унијата

Македонија уште не го доби „датумот“ од ЕУ. Се чека датумот кога ќе почнат преговорите, односно денот кога ќе може да ја допре кваката од влезната врата на Унијата. Оној другиот датум, за влез во Унијата, ич да не го споменуваме, си знаеме – Маричиќ секој ден ни кажува – во 2030 година ќе бил.

И така, долго, долго чекајќи го „датумот“, Македонија е се поразочарана од Брисел, од тоа што мораше да исполни многу понижувачки барања, а пак е оставена нови и нови непристојни барања да исполнува – па дури потоа за допирање на кваката да мисли.

Просто човек да се запраша – сака ли ЕУ воопшто проширување?

Но, вчера стигнаа многу охрабрувачка пораки од ЕУ. И тоа не од било кој евробирократ туку од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

-Европската унија сака Западниот Балкан и Украина да влезат во европското семејство, бидејќи припаѓаат на европското семејство, истакна таа.

Прекрасна вест за Македонија, особено во овие тмурни времиња кога нашата власт смести една третина од населението во државен притвор поради неспособноста да организираат наметната смена на личните документи – што и се прави за да ни овозможи да го добиеме „датумот“.

Радоста да е поголема Фон дер Лајен потврди дека „процесот на пристапување во ЕУ кој во моментов постои и е исклучително важен чекор“.

Значи, сега Македонија треба само некои уште неколку ситници да исполни и готово – датумот се ближи. Охрабрувачко од ЕУ – фала им.

 

 

Претходна вестСредба на претседателот Пендаровски со црногорскиот колега Милатовиќ
Следна вестГо прескокна огромниот Шек и победи во забивање