Охриѓани ставете маски, стигнаа скопјани од Ковид 19-главниот град!

Сликата на излезите од главниот град вчера во периодот од 16 до околу 19 часот беше одговор на прашањето колку воопшто имаше смисла да се одреди карантин за половина држава, додека другата половина (атрактивни туристички локации) се остави во слободна состојба за движење барем до 16 часот? Логично, безмалку сите кои имаат викендици, станови или каде да се сместат во Охрид, Дојран, Струга и Маврово, се веќе таму.

Ако карантинот, односно полицискиот час, се воведе за да се сузбие ширењето на опасниот вирус во жариштата во Скопје, Штип, Куманово и Тетово, како можеше да се донесе одлука со која, свесно се дозволи, токму жариштата масовно да се „преселат“ во туристички атрактивните места каде што има слобода на движење до 16 часот?

Критиките од јавноста не стивнуваат. Голем дел од луѓето се револтирани заради тоа што јасно беше дека кога се затвора еден дел од државата, луѓето ќе се трансферираат за продолжениот викенд во делови кои не се затворени, па и дополнително се туристички атрактивни. Па, сега се исплашени дека скопските, тетовските, штипските и кумановските кластери ќе станат охридски, струшки, мавровски…

Револтирани се и затоа што не им се остави, како што коментираат, барем неколку часа да ги посетат вечните почивалишта на своите најблиски. Уште пореволтирани се и што им беше соопштено дека набрзина треба да се подготват за тридневен целосен карантин.

И на крајот, во коментарите на социјалните мрежи, е присутен и страв кај граѓаните – колку надлежните институции знаат и можат да се справат со епидемијата.

Дали враќањето на полицискиот час, селективно, за одредени градови, ќе создаде уште пострашна ситуација отколку што сега ја имаме? Одговорот веројатно ќе го добиеме за десеттина дена до две седмици. Некои медиуми веќе објавија дека Скопје вчера го напуштиле 20 илјади возила, односно исто толку семејства.

Сепак, сега е најважно сите да се подржуваме на мерките. Секој треба да ја преземе одговорноста и само така да се избориме со вирусот. Поединецот многу може да придонесе за здравјето на цела Македонија.

 

 

 

 

Претходна вестПукање на улица во Чаир, полицијата пронашла чаури
Следна вестСе роди нова европска опера под авторска палка на Јордан Плевнеш