Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) бара на членот и заменик-претседател на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети да му бидат одредени мерки за претпазливост.
Ваков предлог до судија на претходна постапка доставил јавен обвинител на ОЈО ГОКК, соопшти попладнево Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Мемети е второосомничен во случајот за кој вчера беша уапсен врховниот судија, Наке Георгиев, по кој ОЈО ГОКК отвори истрага.
ОЈО ГОКК истражува вклученост на Иџет Мемети во случајот со врховниот судија Наке Георгиев. Двајцата се сомничат за кривичното дело примање награда за противзакониото влијание, според член 359 од Кривичниот законик.
-Со предлогот, обвинителството бара судот на осомничениот да му определи мерки на претпазливост согласно член 146 став 1 точки 2 и 3 од Законот за кривична постапка, односно обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата на претходна постапка и привремено да му биде одземена патната исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот, како и забрана за употреба на лична карта на име на осомничениот како исправа за преминување на државната граница, се наведува во соопштението на републичкото Јавно обвинителство во кое се наведува дека стаснува збор за член на Советот на јавни обвинители.
Во барањето, додаваат од Обвинителството, било наведено мерките да траат додека постои потреба, а најдоцна до правосилноста на пресудата, согласно член 146 став 5 од Законот за кривична постапка.
И додека за Мемети се бараат мерки за претпазливост, првоосомочниот во случајот за примање поткуп, судијата Наке Георгиев од попладнево е во Основниот кривичен суд Скопје каде судија на претходна постапка треба да одлучи дали ќе го прифати барањето на ОЈО ГОКК за определување на најстрога мерка за обезбедување на присуство – притвор.