Бил многу вреден и одлучен, посветен на идеите за кои се борел. Со сето тоа пријателите и соборците ги потсетувал на главниот лик на главниот јунaк на романот „Како се калеше челикот“ од рускиот писател Николај Островски, мошне популарен во периодот пред Втората светска војна. Оттаму и Раде Јовчевски го добил прекарот – Корчагин. Подоцна, ќе се види и ќе се потврди дека со право го носел тоа име.
Роден на 14 август 1919 година во Скопје во скромно занаетчиско семејство во кое татко му бил познат чевлар во градот, Раде своето основно образование го започнал во месното скопско училиште и бил солиден ученик. Сакал да учи но заради сиромаштијата морал да се откаже и да го учи занаетот. Корчагин работел и изучувал занает цели три години, но откако завршил со обуката не успеал да најде работа во Скопје. Поради тоа заминал за Белград каде се покажува како способен и посветен активист кој прво бил назначен за секретар на синдикатот во 1938 година, а веќе во 1939 година станал и член на Комунистичката партија на Југославија.
Во Белград, од страна на полициските служби, Раде Јовчевски бил забележан, а поради неговите идеали и делувања, не бил пожелен од страна на српските власти и истите наредиле да се врати во Скопје. Кога се вратил, станал член на Урсовиот синдикат и така успешно организирал десеттина масовни излети на Водно, Матка и други околни места.
Челниците и раководителите на тогашната Комунистичка партија на Југославија имале голема доверба во него и му доверувале се посериозни задачи. Но, и интересот на властите за Раде уште повеќе се зголемил и бил квалификуван како „опасен комунист“, „човек против кралот“ и со жар се барало истиот да биде затворен. Кога бил приведен од началникот на полицијата, Раде бил подолго време мачен со цел да се извади од него некоја информација. Сепак, тој бил одлучен и верен на својата партија и не предал никакви информации. Подоцна бил притворен уште најмалку двапати.
На почетокот на Втората светска војна по налог на партијата, тој бил испратен во Скопска Црна Гора за да помогне при формирањето на еден партизански одред за да се борат против бугарската окупаторска војска. Многу набрзо по формирањето на одредот истиот бил откриен од властите и неговата работа намалена. Поради безбедносни причини заминал за Софија со останатите блиски соработници, и од таму делувале врз настаните во Скопје. Паралелно бил и осудуван во отсуство со казна смрт. Во Скопска Црна Гора се враќа под името „Јанко“ и така учествува во формирањето на нов партизански одред, каде бил заменик-политички комесар. За тие цели, меѓу другото, лично со останатите содејци пренесувале оружје преку Радуша до Скопска Црна Гора. Полицијата разбрала за некојси „Јанко“ кој организирал такво формирање на одред и објавила потерница и награда за неговата глава. Раде Јовчевски бил предаден од страна на некојси селанец во Побожје, од кој требало да земе пушки, но сепак се спасил откако фрлил бомба кон едната група фашистички полицајци. Наградата за главата на Корчагин била 150.000 лева. Одредот кој бил формиран во Скопска Црна Гора тргнал за Косово и Јужна Србија да се спои со косовскиот одред. Патувал со неговиот соборец и добар другар Санде Урдаревски. Походот на одредот бил во јануари 1943 година. Сепак, движењето на одредот бил заприметен од лица кои биле жедни за наградата за главата на Корчагин. Така, некаде во близина на Липљан, одредот бил нападнат во близина на Бинач.
Подоцна, во 1943 година тој престојува во Скопје во куќата на Ганко Петковски каде со соборците планирале обновување на акциите. Вечерта на 20 февруари 1943 година, Раде заедно со останатите активисти сакале да се префрлат во куќата на Јорда Нешевска, денес во Маџир-маало.
Без нивно знаење, тие биле предадени и куќата била опколена од бугарските окупатори. Полицијата почнала да ги гони активистите. Во тие бркотници Раде бил ранет. Така ранет, на денешен ден пред 81 година, на 20 февруари 1943 година, тој немилосрдно бил убиен од фашистите со неколку куршуми и со извикот „Еве ти ја слободата и човечките правдини.“…
Но, големата жртва на Раде не била залудна. Неговите соборци го победиле окупаторот и создале слободна македонска република. Во неа се зачува споменот на него. Прво во 1953 година беше прогласен за народен херој, а потоа со негово име беше наречена и една позната гимназија во Скопје, како и една детска градинка.