На социјалните мрежи се појави петиција против изградба на висококатници на парцелата спроти „Холидеј ин“, во строгиот центар на Скопје.
Во петицијата се објаснува дека планот за оваа локација не предвидува зелен простор од 20 отсто во парцела согласно со Законот за урбано зеленило, а несоодветно е решено и движењето на пешаците, не се знае како ќе се обезбеди заштита на кејот на реката Вардар односно отвореноста на реката кон просторот, како ќе се обезбеди движење на огромниот број возила по постојните сообраќајници, а се отвораат и прашањата како ќе се зачува јавниот простор и зеленилото, дали за жителите во истата градска четврт ќе може се обезбедат пристојни услови за живот, дали комуналните и други јавни сервиси ќе можат да ги издржат новите градби…
Неофицијално, предвидено е проектот да се реализира во три фази. Во првата фаза предвидена е изградба на станбен објект со 20 ката и височина од 80 метри, на парцелата на МПЦ. Во втората фаза се предвидува изградба на станбено-деловен објект со 22 ката и височина од 15 и 88 метри. Во третата фаза се предвидува изградба на трговски центар од затворен тип со височина од 15 метри и деловна зграда – кула со 16 ката и височина од 76,5 метри.