Цените на нафтата на светскиот пазар пораснаа откако некои земји од ОПЕК+ го намалија производството за повеќе од милион барели дневно.
-Меѓународната референтна цена на нафтата „брент“ утринава изнесуваше 84,08 долари за барел по растот на цената од 5,24 отсто, јавува Анадолија.
Американскиот репер West Texas Intermediate (WTI) се тргуваше за 79,68 долари за барел, откако порасна за 5,29 отсто.
Организацијата на земјите извознички на нафта(ОПЕК) и нејзините сојузници познати како ОПЕК+ вчера, пред официјалниот состанок, најавија дека ќе го намалат производството за уште 1,16 милиони барели дневно, по падот на цените под притисок од стравот од банкарска криза. Така, ОПЕК + би го намалил производството за 3,66 милиони барели дневно од мај до крајот на годината, според пресметките на Ројтерс, што одговара на 3,7 отсто од светската побарувачка.
Москва во неделата објави дека Русија ќе го намали производството на нафта за 500.000 барели дневно до крајот на годината. Во исто време, ограничувања на производството најавија и Саудиска Арабија, Кувајт, Оман, Ирак и Обединетите Арапски Емирати.
Аналитичарите очекуваат групата ОПЕК+ да го потврди октомврискиот план за намалување на производството за два милиони дневно до крајот на 2023 година.