Заменик-министерката за здравство Маја Манолева ќе побара од Владата да ја задолжи јавната установа Заеднички служби за потребите на здравството да изврши итна набавка и промена на локацијата на компресорската станица на Клинички центар.
Таа најави дека ќе побара и итна набавка и замена и на инсталацијата за довод на кислород и на компримиран воздух.
Заменик-министерката, вчера во изјава за телевизија Сител, кажа дека имале средба со директорите на клиниките и се договориле за алтернативни решенија за хируршките сали кои изминатите денови не работат поради проблеми со компресорската станица и со инсталацијата за кислород.
-Се договоривме да отпочнат со работа сите хируршки клиники во Клиничкиот центар во операционите сали со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух. Се договоривме оперативниот план и редоследот на пациентите да се реализира согласно одлуката од страна на стручните колегиуми на секоја од клиниките во рамки на индивидуалните капацитети на секоја клиника, вели Манолева.
Хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје изминатите денови се затворени, а како причина за тоа е наведен непријатниот мирис кој се ширел во нив. Од Министерството за здравство до Обвинителството стигнало известување дека имало проблеми со функционирањето на вентилацискиот систем во хируршките сали.