Операција Попис: Кој ќе се попишува и како

Пописот во земјава кој по 20 години конечно треба да се спроведе во април ќе биде според комбиниран метод, кој за прв пат ќе се применува кај нас.

Тоа накусо би значело комбинација на податоци добиени на терен преку индивидуално попишување, со податоци од статистичката база на податоци која содржи податоци добиени од постоечки регистри поврзани со матичниот број на секој од нас.

Би се користеле базите и податоците од МВР, МИОА, МОН, за труд и социјална политика, агенциите за вработување, за катастар, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како и УЈП и за водење на матични книги и редовните статистички истражувања за образование, витална статистика, бизнис регистер и друго.

Попишувачите на терен ќе користат лап-топ компјутери наместо како претходно хартиени прашалници, а ќе се попишуваат лицата, домаќинствата и становите, односно живеалиштата.

Што ќе се добие?

Резултатите што ќе се добијат ќе бидат за тоа да се види колку вкупно резидентно население имаме – лицата државјани со место на вообичаено живеење во земјава, без оглед дали во моментот на Пописот се наоѓаат во местото на живеење или во друго место во земјата, колку странци престојуваат во земјава подолго од една година, со одобрение за постојан или за привремен престој, колку лица што имаат место на живеење во земјава и се нејзини државјани, а во времето на Пописот помалку од една година поради работа или друга причина се надвор, како и членовите на нивните домаќинства кои се таму, колку лица што имаат место на вообичаено живеење во земјава, а кои во времето на Пописот се на работа во дипломатско-конзуларните претставништва во странство, како и членовите на нивните семејства што привремено престојуваат во странство со нив.

Кој нема да се попишува

Нема да се попишуваат: дипломатскиот персонал на странските дипломатско-конзуларни претставништва во земјава, странскиот воен персонал и членовите на нивните семејства тука и членовите и претставниците на меѓународните организации и заедници кои во моментот на Пописот престојуваат во нашата земја, странските државјани кои во времето на Пописот службено, приватно, туристички, за лекување и слично се во земјава, странските државјани што поради работа или школување дневно ја поминуваат државнaта граница.

За оваа обемна операција се ангажирани 150 државни инструктори, 500 реонски инспектори и 5.500 реонски попишувачи.

Пред официјалниот почеток на Пописот од 1-15 март ќе се попишат воениот персонал во странски и објекти во државата во рамки на Министерството за одбрана,  казнено-поправните институции, лицата без документација со учество на Министерството за труд и социјална политика и со помош на Министерството за надворешни работи ќе се попишат нашите дипломатско-конзуларните претставништва во странство.

Самопопишување/саморегистрација на нашите државјани кои во моментот живеат /престојуваат во странство ќе се врши од 1 април до 21 април по пат на самопопишување преку онлајн апликација достапна на веб-страницата на ДЗС, или според законските норми нив може да ги попишат лица кои добро ги познаваат и ги имаат сите потребни податоци за нив.

Претходна вестПо една година предистрага: Конечно уапсени креаторот и администраторот на ланската „Јавна соба“, за оваа се уште ништо
Следна вестМицкоски е за предвремени парламентарни избори со локалните, а за попис догодина