Интерпелација на претседателот на Собранието Талат Џафери ќе поднесат Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“, најави денеска координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски.
– По вчерашниот ден во кој ние пратениците бевме заклучени во пленарната сала по наредба на Талат Џафери веќе е кристално јасно дека Собранието не е е повеќе демократска институција туку институција заробена од еден Автократ кој што си дозволува да се однесува како собранието да е приватна своина, непочитувајќи никаков Деловник и пред се крши основни човекови права. Талат Џафери, со своите диктаторски и непринципиелни методи не смее ни ден повеќе да го води законодавиот дом. Овој човек нема почит спрема никого, ниту спрема собраниската служба која ја вреѓаше и пцуеше на најбезобразен начин, ниту спрема пратениците за кои се дрзна да им го ограничи правото на движење и ги заклучи во пленарната сала, изјави Мицевски.
За Талат Џафери, додаде тој, не постои Деловник и не постојат човекови права.
– Овој автократ е влезен во филм дека никој ништо не му може и дека е недопирлив и затоа мора да си оди подалеку од храмот на демократијата. Сакаме да додадеме дека сето ова случува со амин и знаење на СДСМ кои што секојдневно ги бранат постапките на Џафери сакајќи најлошиот претседател на Собранието во историјата да го претстават како најдобар. Ова е одговорност и на СДСМ, кои заедно со Џафери ги приредуваат овие циркуси во Собранието. Нас ни е јасно дека Џафери и СДСМ ќе направат се, повторно да избегаат од одговорност како многупати досега и исто така им порачуваме дека оваа Интерпелација не смее да заврши повторно кај него во фиока и никогаш да не ја стави на седница како што се случи со предходната што ја поднесовме. Редот и функционирањето на Деловникот мора да се вратат во Собранието на Република Македонија, потенцира Мицевски.
Тој ги повика пратениците од СДСМ да им се приклучат и заедно да му кажат „стоп“ на собранискиот спикер.
Најава за поднесување на интерпелација претпладнево дојде и од пратеникот на Левица, Димитар Апасиев бара уште тројца пратеници за да почнат постапка за интерпелација за Џафери. Причина за тоа е драмата која се случуваше синоќа во Собранието, кога Џафери ги заклучи вратите од собраниската сала.
-Со заклучувањето на пратениците во пленарната сала на Собранието, Талат не само што стори кривично дело, туку и целосно го изгуби кредибилитетот да го води Парламентот! Од вкупно 120 пратеници, треба пет – за да почне постапката за интерпелација. Двајцата пратеници на Левица стојат на располагање. Се бараат уште тројца јунаци и да почне процесот, напиша Апасиев на Фејсбук.