Опозицијата во потрага по 61-от пратеник, Кастриот Реџепи од Беса најави дека не доаѓа

Долгонајавуваната седница за гласање на доверба на Владата, почна и веднаш се побара пауза. Паузата е дадена по барање на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ откако се утврди дека на опозицијата и недостасува еден глас. Набрзо по почетокот на работата на седницата се утврди дека во собраниската сала има само 60 пратеници што е недоволно за потребниот кворум од 61 пратеник. Претседателот Талат Џафери ја отвори седницата но соопшти дека тој нема да учествува во седницата и да прави кворум бидејќи не се согласува со иницијативата и ја напушти салата. Претседавањето со седницата тој му го препушти на потпретседателот на Собранието од движењето Беса, Фадиљ Зендели. Но, во самата останаа 60 пратеници.

На виделина излезе дека не е присутен пратеникот Кастриот Реџепи од редовите на Беса. Тој не беше достапен ниту на мобилен телефон па неговите сопартијци мислеа и да пријават во полиција. Сепак, набрзо, Реџепи преку Фејсбук објави дека нема да дојде на седницата.

 Една од главните цели за мене и за политичкиот субјект Движење Беса на која припаѓам е евроатлантската интеграција на РСМ. Со оглед на политичкиот моментум, по одложувањето на оставката на премиерот Заев, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници, решив да не учествувам на собраниската седница, напиша Реџепи.

Опозицијата сега има еден час да одлучи што ќе прави понатаму.

Инаку, во салата не се присутни пратениците од коалицијата на СДСМ и на ДУИ. 

Претходна вестДва пратеника во скафандери ќе гласаат во Собранието
Следна вестМицкоски од факултет директно во Собранието, да види што е со кворумот