Во тензична атмосфера, повишени тонови и упатување на тешки квалификации поминува сендицата на собраниската Комисија за здравство која расправа за новопредложените мерки против ширењето на корона вирусот. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвинија министерот за здравство Венко Филипче дека е најодговорен за тешките последици од опасниот вирус и дека треба да поднесе оставка.
–Филипче тврдеше дека ќе имаме не повеќе од 2.000 заразени, а имаме 20.000. Не е се под контрола, а за тоа е најодговорен господинот кој што седи пред мене. Гласот ми трепери оти не ја водите работата како што треба, и тоа се одразува на сите граѓани. Само глобите и казните да не бидат врз опозицијата со реваншизам. Вие и само вие сте одговорен, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска.
Нејзина сопартијка Олга Лозановска го обвини министерот Филипче дека здравствените работници не се заштитени, а здравството е целосно во хаос.
–Зборувам за сите здравствени работници кои што работат во клиничките болници кои што треба да се однесуваат кон секој пациент како да е позитивен на Ковид, а притоа им се дава една маска за 24 часа. Како може, да речеме во приватно здравство се да има, а во државното не може да се тестираат граѓаните. Навистина здравството ни е во хаос, во катастрофална состојба, плус заразените здравствени работници, рече Лозановска.
На ова министерот за здравство возврати.
–Знаете дека хаосот потекнува од 60-те милиони евра долг што ги оставивте. И ако сакавте во Дограма да инвестирате немаше да правите Скопје 2014, ќе ја направевте Дограмата, ќе ја направевте болницата од милијарда евра. Срамота е ова што го зборите. Јас не знам како излегувате овде и зборите не ми е јасно, со кое лице. Вие за здравствени работници зборите. Што зборувате…колку беа платите, каде се докторите. Во Германија зашто ги избркавте. Како не ви е срам, не ми е јасно, рече Филипче.
Комисијата се изјаснува за предлозите за задолжително носење на маски на отворен простор, забрана за групирање на отворен простор по 22 часот на повеќе од 4 лица и забрана за прием на повеќе од четири гости во домаќинства. Беа поднесени и неколку амандмани околу кои се водеше расправа.