Целосно руинирана спортска сала „Расадник“ денеска под свој управа ја презеде скопската општина Кисела Вода од каде најавија нејзина реконструкција. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска информира дека салата е и правно вратена во сопственост на Општината.
-Ја презедовме без долговите кои ги имаше и започнуваме процес за нејзина темелна реконструкција. Со овој чин, ставаме крај на 30-годишната негрижа која овој објект го претвори во руина, во демолиран, небезбеден и целосно уништен простор кој од најголема гордост, стана најголем срам, не само за Кисела Вода, туку и за цела Македонија, најави градоначалникот.
Тој додаде дека од сега ќе се испишува ново поглавје кое ќе го врати сјајот на овој спортски објект.
-Расадник повторно ќе биде центар на најголемите спортски случувања, повторно ќе биде дом на црвено- црните и на сите други значајни клубови. Место од каде ќе одекнуваат аплаузи и навивања, место каде ќе се слави успехот, потецнира Ѓорѓиевски.