Општина Центар ја продолжува постапката на ревидирање на вкупно 23 Детален урбанистички план кои се уште остана несменети. Одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот нема да влијае на тој процес, изјавија денеска за „Скопско ехо“ во општина Центар.
Во Центар се уште ги очекуваат сите детали за одлуката на уставните судии, но веќе е јасно дека се работи за укинување на тнр. „мораториум“ кој беше воведен во 2017 година за 31 Детален урбанистички план. Оттогаш до сега ревидирани се вкупно осум ДУП-ови што значи дека до крајот на процесот останаа уште 23. Од нив, 4-5 ДУП-ови се во завршна фаза.
-Ние продолжуваме со ревидирањето и на што како општина имаме право. Ревидираните планови на крајот ќе дојдат пред Советот на општина Центар кој по нив ќе се изјаснува. Ако има мнозинство тие ќе се усвојат и ќе бидат важечки. Интенција на ревидирањето, познато е, да се изврши усогласување со ГУП-от за Скопје 2012 – 2022 година, да се обезбедат подобри услови за живеење на граѓаните, ни рекоа во Центар.
Во централна скопска општина потврдуваат дека сега важечки ќе бидат старите ДУП-ови и дека оние што сакаат да градат може да поднесуваат барања и документации.
-Сите тие ќе бидат земени во процедура за решавање и по нив општинските служби ќе се изјаснуваат како и досега. Но, паралелно ќе тече и процесот на ревидирање, ни рекоа во Центар.
Инаку, меѓу неревидираните ДУП-ови останаа оние кои предизвикуваа голем интерес во јавноста: ДУП за паркингот кај ГТЦ, за поранешна „Треска“, за „Буњаковец“, за Дебар маало, Малиот ринг…