Општина Центар наложи да се отстрани металната констукција кај палатата „Емануел Чучков“

 Решение со кое му се наредува на инвеститорот во рок од три дена да ја отстрани градбата – Урбана опрема, челична  конструкција обложена со стакло кај палатата „Емануел Чучков“, донел овластен градежен инспектор на општина Центар.

Инспекторот на општина Центар, постапувајќи по службена должност, извршил увид и констатирал со записник дека инвеститорот ДПТУ ПРИМЕС КО. ДООЕЛ Скопје, со седиште на улица „Павел Шатев “ бр.2, Скопје, не поседува решение за поставување на урбана опрема челична конструкција обложена со стакло со димензии 10м x 11 м, пред деловниот простор на Гостилница „Аманет“.

-Во овој случај изјавена жалба против првостепеното решение со кое се наредува отстранување на наведените градби не го одлага извршувањето на решението согласно член 137 став 4 од Законот за градење, се наведува во соопштението.

Општина Центар потенцира дека нема да дозволи нелегално поставување на градби и урбана опрема со што се оневозможува слободно движење по тротоарите и одвивање на сообраќајот.

Претходна вестМалку облаци на сончевото небо
Следна вестПлочата посветена на егзодусот на деца-бегалци не се врати, ќе остане ли и Мајка Султана беа обележјето во градот?