За време на викендот беше објавено дека документот на неименуван претставник на Советот на ЕУ укажува на мерки насочени кон унгарската економија доколку Орбан не одобри помош за Украина, за што ќе се разговара на утрешниот самит на лидерите на ЕУ. Во интервјуто објавено вчера за францускиот неделник „Поинт“, Орбан рече дека планот е „како прирачник за уценувачи“ што ќе ја стави Унгарија под „масовна финансиска блокада“.
– Тогаш Унгарија би доживеала армагедон, изјави Орбан.
Унгарскиот премиер рече дека „не се сомнева“ оти документот, за кој пишуваше „Фајненшл тајмс“, е автентичен. „Познавајќи го Брисел, тие се способни за тоа“, рече тој.
Порталот Политико потсетува дека Орбан учествувал во тензични преговори со цел да добие отстапки од остатокот од блокот во замена за поддршка за пакетот помош за Украина, што тој сам го отфрли на самитот на лидерите на ЕУ во декември.
Предложениот пакет би се финансирал од буџетот на ЕУ – што значи дека му треба едногласно одобрение од лидерите на ЕУ, вклучувајќи го и унгарскиот.
Унгарија понуди помошта да се распореди во годишни транши – што би ѝ овозможило на Будимпешта секоја година да ја блокира помошта за Киев.