Историска грешка што Брисел се’ уште не ги почнал преговорите со Северна Македонија, додека тоа го направи со Албанија, изјави денеска унгарскиот премиер, Виктор Орбан, кој престојува во дводневна посета на земјата.
-Народите и државите од Западен Балкан заслужуваат многу повеќе од она што го добиваат од Брисел. Северна Македоија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 заедно со Хрватска. Од тогаш Хрватите се веќе членки, а со Северна Македонија не се почнати ни преговорите. Тоа е историска грешка, која уште може да се удвои бидејќи државата ќе биде ставена зад Албанија за што не гледам никакви причини. Предизвик за Владата ќе биде да се бори со овој нечесен став, рече Орбан на заедничката прес-конференција со премиерот, Христијан Мицкоски.
Дополнително, унгарскиот премиер истакна оти позицијата на Унгарија е јасна, а тоа е дека е важна стабилноста на Западен Балкан и интеграциите на кои предолго се чека. Орбан вели дека со зачленување се напредува, но ЕУ во меѓувреме ја загубила динамиката и мора да го обезбеди проширувањето.
-Украина и Молдавија добија забрзани постапки за членство. Мораме да внимаваме на политичкиот фактор, но и да ги почитуваме државите кои долги години работат на тоа, а сега се ставени во втор план, што не е чесно. Сметаме дека е многу важно да се одржи на дневен ред членството на Западен Балкан во ЕУ. Подготвени сме за меѓувладини конференции, рече Орбан.
Тој додаде дека до крајот на годинава очекува Македонија да почне преговори со ЕУ.
-Имам јас предлог, и тој предлог му го пренесов. Затоа сме подготвени да посредуваме во тоа прашање. Дали страните се подготвени да ја прифатат Унгарија како посредник е нивна работа, но ние сакаме да се најде решение какво им одговара и на Бугарија и на Македонија. Но, тоа е работа на страните кои се во конфликт, ние сме тука да им понудиме помош. Сега следното е одвојување од Албанија. Тешко е тоа да се разбере. Една нација да се залажува постојано со почеток на преговорите, а другите земји да се примаат како членки. ЕУ мора да го има во предвид и националната гордост, а се повредува националната гордост на граѓаните на Северна Македонија. Ако гледаме чесно, вие одамна треба да сте дел од ЕУ, а ваквите постапки на ЕУ отвораат рани, изјави Орбан.
Тој негираше дека заемот што и го даде на Македонија има кинеско потекло, и место тоа тврдеше дека може да ни дава пари дојдени – само од Европа.
-Кинески заем, конески пари не можеме да дадеме бидејќи имаме договор со Кина и тие одат на конкретни проекти за развој. Европски пари имаме и тие ќе ви ги даваме, порача Орбан.
Унгарскиот премиер потсети на помошта што ни ја испрати летово Унгарија во борбата со пожарите, но и се заблагодари за помошта на Македонија од 2015 година во однос на миграциската криза, кога Унгарија, според зборовите на Орбан, станала свесна за клучното значење што го има Северна Македонија за безбедноста на унгарската држава.
Премиерот Христијан Мицкоски ја оцени посетата на Орбан како доказ за одличните пријателски односи и соработката кои се продлабочуваат со секој изминат ден.
-Унгарија секогаш не поддржувала и во напорите за нашата европска интеграција. Пријателството продолжува да се зацврстува. Унгарија беше еден од нашите први партнери кои ги препозна нашите стремежи за независност и суверенитет. Со години политичките и економските врски се прдлабочуваат, а средбите го потврдуваат нашето сојузништво, рече Мицкоски.
Двајцата разговарале за регионалната стабилност и економскиот просперитет, конкретни проекти за бизниси. Дискутирале за стретешки проекти, како север-југ, транспортниот коридор којшто го поврзува Балканот со Унгарија кој е огромно значење за енергетската сигурност на целиот регион.