Османи: Членство во ЕУ на сите учесници во ПСЈИЕ е гаранцијата за стабилноста и наш приоритет

Претседавачот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) и министер за надворешни работи, Бујар Османи ја отвори пленарната сесија на Министерскиот состанок, што се одржува во рамки на нашето едногодишно претседавање со Процесот, под мотото „Премостувајќи Поделби, Градејќи Доверба”.

Османи се заблагодари за поддршката од Советот за регионална соработка (РСС) при реализирање на активностите при што, како што истакна, “Оставаме зад нас една успешна година, со бројни постигнувања на полето на регионалната соработка, а особено значаен е постигнатиот консензус за избор на нов Генерален секретар на РСС”.

-Да ги наведам уште еднаш нашите основачки документи кои укажуваат на основната цел на нашиот регионален процес: Добрососески односи, стабилност, безбедност и соработка во Југоисточна Европа и стремежот за интегрирање на нашите земји во евроатлантското семејство на слободни и демократски нации, кои се релевантни и применливи денес исто како и во минатото, нагласи Османи.

Османи рече дека учесниците во Процесот имаат постигнато важни резултати во бројни области, но дека морат да ги удвојат напорите до крајната цел: членство во ЕУ за сите учесниците на ПСЈИЕ.

-Проширувањето на ЕУ е еден од најуспешните мировни проекти на европскиот континент кој носи незаменлива вредност во градењето отпорни општества и постигнувањето економски напредок и просперитет” истакна Османи, повторувајќи дека повеќе интеграција пред членството претставува соодветно решение за долгогодишните предизвици со кои се соочуваме.

Со состанок на министрите за надворешни работи во претпладневните часови и Самит на шефови на држави и влади попладне Македонија го заокружува едногодишното претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

Според најавата од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, присуството на Самитот го потврдиле претседателите на Црна Гора и Албанија, Јаков Милатовиќ и Бајрам Бегај. Тие се дел од т.н. тројка – Црна Гора како претходен, а Албанија како иден претседавач со ПСЈИЕ. Двајцата со Сиљановска Давкова вечерва ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Од највисоките државни функционери во Скопје се и косовската претседателка Вјоса Османи-Садриу и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ.

Делегацијата од Грција, пак, ја предводи Јоргос Герапетритис, што ќе биде прва посета на висок грчки функционер по низата прозивки меѓу Скопје и Атина околу Преспанскиот договор кои започнаа со некористењето на уставното име од страна на новата претседателка Сиљановска Давкова на нејзината инаугурација во Собранието.

По отвореното обраќање на Османи следуваат обраќања на шефовите на делегации на 13 учесници, претставници на ЕУ и РСС, по што агендата продолжува со усвојување на Годишниот извештај на РСС, дискусија на тема избор на Генерален секретар на РСС и одобрување на Декларацијата на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што ќе се одржи попладнево.

Претходна вестЛДП: Мерката на Мицкоски за реорганизација на здравството и намалување на бројот на пратеници е уште една од нашите „позајмени” програмски определби
Следна вестЃорческа сè уште чека виза за да заигра на Вимблдон