Македонските министри секогаш имаат што да не поддучат. Како да штедиме, како да одиме кон посветлата иднина, како… Едноставно како да стануваа просветители.
За пофалување е фактот дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи такво поддучување одржа и во странство. Тој предавање одржа на Колеџот на Европа во кампусот Натолин во Варшава.
Министерот Османи говореше за заедничката посветеност на Евро-атлантската кауза – каузата на безбедност, слобода, демократија и еднаквост – и силната решеност, спротивно од очекувањата, да застанеме во одбрана на истата, и покрај обидите да биде скршена со демагогија, лажни наративи или хибридни закани.
-Нема место за агресија во Европа во 21-от век. Не, по она што сите ние, европските народи, го издржавме и низ кое поминавме во минатиот век: две разорни војни, поделби, страв од нуклеарен Армагедон и генерации изгубени во идеолошката магла што го покрива тоталитарното владеење над источниот дел на нашиот континент. Не, покрај се што направивме како инвестиција во мир, стабилност, демократски развој и поредок заснован на владеење на правото, човековите права, социјалната правда и просперитетот за сите, истакна Османи.
Тој и решително кажа: „Не можеме да дозволиме или да признаеме територијално освојување и промена на границите со војна, ниту да прифатиме враќање на сферите на влијание, владеење на сила и правото на најсилните да одлучуваат за судбината на другите народи.“
На крајот од своето обраќање, министерот ја истакна важноста на заокружувањето на европскиот проект како најдобра инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.