Парите од рамковно определена сума од 960.000 евра за изнајмување на 175 рен-а-кар возила за самитот на ОБСЕ ќе почнат да се трошат откако ќе се исцрпат сите можности со ангажирање на возила од нашите институции и министерства, изјави денеска Бујар Османи, министер за надворешни работи. На брифингот со новинарите тој рече дека како организатори на самитот сме морале да имаме толкав број на обезбедени возила.
– Во однос на возилата, сите стандарди се утврдени и мора да имаме обезбедено возило за секоја делегација. Договорот е рамковен и утврдена е цена по возило и по ден, а министерството нема обврска да ги користи сите возила, туку само ако има потреба и откако ќе ги исцрпиме сите возила од Службата за општи работи и министерства. Агенциите беа комуницирани и имаше само една понуда за жал, но тоа прашајте ги нив, ние имавме законска процедура и цените ги утврдува понудувачот, наведе тој.
Инаку, двесте војници од АРМ се ангажирани како возачи кои ќе ги возат делегациите на повеќе од 70 министри за надворешни работи и тие веќе поминале специјални курсеви во Министерството за внатрешни работи поради стандардите на ОБСЕ за вакви настани.
Според рамковниот договор, изнајмување на комбиња за осум патници и на минибус за 20 патници ќе чини дневно по 19.200 денари без ДДВ, односно до 29.000 денари на ден за ВИП автомобил кој според спецификациите на ОБСЕ треба има минимална ширина од 1.820 сантиметри и минимална должина од 4.767 сантиментри, зафатнина од минимум 1.600 кубици и моќност од најмалку 120 коњски сили. Ова возило мора да биде црно и да не е постаро од 2014-та година, пишува во јавната набавка која ја доби компанијата „АБЦ Рент а кар турс ДООЕЛ Скопје“
Во подготовка на самитот, како што соопшти Османи, учествуваат над 200 луѓе од МНР, ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ, а се очекуваат околу 1.000 членови на делегациите. Ќе биде обезбеден и чартер лет од Брисел за Скопје, а некои делегации ќе дојдат со свои авиони. Проценките се дека за организација на конференцијата на ОБСЕ, Македонија ќе издвои пет милиони евра.