Прогласувањето на македонскиот јазик за службен јазик во ослободената Македонија во текот на Втората светска војна – беше историски настан за македонскиот народ. Тоа се случи на Првото заседнаие на АСНОМ на 2 август 1944 година.
Друг историски датум околу јазикот беше отпечатувањето на „Македонската граматика“ што се случило на денешен ден пред 78 години, на 26 јануари 1946 година. Затоа и дене се навраќаме на овој голем настан.
Задача за граматиката уште во 1945 година била доделена на Круме Кепески, тогаш македонски педагог и лингвист и професор во прилепската гимназија.
-На Граматиката работев дома, во Прилеп, до крајот на август. Многу време за пишување немав, зашто целта ми беше што побрзо да им се даде „Македонската граматика“ на училиштата. Потоа, се појави првата македонска Граматика. Имаше голем одек како кај нас, така и пошироко. Имаше неколку рецензии кои го означија појавувањето на мојата граматика како историски чин…, вака во своите сеќавања за создавање на ова капитално дело напишал Кепески.
А значењето на „Македонската граматика“ навистина било големо. Тоа е дело кое се случува по долговековна историја на македонското постоење, на развојот на македонскиот јазик, но и борбата за слобода, за признавањето на правото на постоење на македонскиот идентитет, јазик, писмо, а што се случува по победата во Втората светска војна.
Инаку, Кепески во своите сеќавања навел дека замислата да се зафати со пишување на Граматиката кај него се појавила уште за време на предвоената Југославија, кога бил студент на Филозофскиот факултет во Белград во триесетите години пред Втората светска војна.
-Тогаш често со другите студенти од Македонија, Крум Тошев, Венјамин Сапунџија и други, дискутиравме, во случај Македонија да биде слободна, како би го создале македонскиот литературен јазик. Зборуваме и за тоа кои наречја би биле главни. Некои од нас предлагаа за основа да биде штипскиот говор, други охридскиот, Крум Тошев и јас бевме на мислење дека најдобро ќе биде, ако се земат за основа централните говори – Прилеп – Велес – Битола, со образложение дека тоа подрачје има најмалку влијание како од бугарскиот така и од српскиот јазик. Подоцна, фактички тоа и се случи. Нашето мислење не се засновуваше врз основа на некое подруго поранешно сознание. Ние воопшто не знаевме дека Крсте Мисирков го ставил на книга далеку порано. Тоа беше јазикот на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, јазик што јас го познавав, зборуваше во своите сеќавања Круме Кепески.
По објавувањето на капиталното дело, во 1946 – есента – бил повикан во Скопје, во Поверенството (Министерството) за просвета, каде што работел на општата македонска терминологија и бил назначен за редактор на првото македонско книгоиздателство „Просветно дело“, од кое излегоа првите македонски книги: буквар, граматика, читанки, преводни книги и др.
Со граматиката, практично, се покажува посебната структура на македонскиот јазик, а Граматиката веднаш нашла соодветна примена во практиката, особено во образованието па и пошироко во сите комуникациски сфери, администрацијата, културата. Преку неа со посебноста на македонскиот јазик почна да се запознава и светската јавност…