Основец од Штип „растура“ средношколска математиката, но министерството го потсетило дека отишол премногу напред

Талентите треба да се поттикнуваат во Македонија. Тие се иднината на земјата. Ама така не испаднала работата со ученик од Штип кој освојувал државни награди по математика.

Имено, талентираниот ученик Дамјан Давков не добил награда од Министерството за образование оти бил основец, а победил на државен натпревар за средношколци. Случајот избувна денеска откако на социјалните мрежи беше објавена одлука на МОН и на министерката Мила Царовска со која се одбива да бидат наградени ученикот во осмо одделение и неговиот ментор за освоено прво место на државен натпревар по математика за средношколци.

Министерката за образование Мила Царовска денеска се правдаше за ваквата одлука која ја донела.

-Несомнено дека се работи за талентиран ученик кој заедно со својот ментор вложиле многу труд за постигнување на успехот на државниот натпревар на кој учествувале. Но, за жал законската регулатива не дозволува тие да го остварат правото за кое аплицирале во МОН. МОН веќе работи на законски измени со кои ќе ја зголеми достапноста за наградите, информира министерката Царовска.

На социјалните мрежи беше објавена и одлуката на министерката Царовска од која се гледа апсурдноста на законските решенија.

– Барањето за доделување на парична награда за освоено прво место на државен натпревар по математика, прва година, од ученикот Дамјан Давков и наставникот Кокан Радев од ООУ „Ванчо Прќе“ Штип, се одбива. Комисијата за доделување на парична награда за освоено прво место на државен натпревар на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за натпреварот, постапувајќи по горенаведеното барање, а согласно член 24 од Законот за средно образование, Правилникот за начинот и поблиските критериуми на организирање и изведување на натпреварите на учениците по одделни предмети на општионско, регионално и државнио ниво во средното образование, и Извештајот од Сојуз на математичари на Македонија, изврши увид во доставената документација и со Извештај од Комисијата утврди дека ученикот и наставникот не ги исполнуваат условите за доделување на парична награда, бидејќи ученикот е редовен ученик во основно образование, односно наставникот е наставник во основно образование, а натпреварите се за ученици и наставници во средно образование, се вели во решението од МОН.

Едноставно, излегува дека државните органи донеле одлука со која талентирани ученици кои победуваат во повисоки старосни категории не смеат да бидат наградувани за своите успеси. Ако сакаш награда не треба да си понапред во знаењето на својата генерација. 

Останува нејасно, колку години оваа нелогична законска регулатива била на сила и уште колку деца – таленти останале без награда.

Инаку, Дамјан Давков, до сега има освоено повеќе вредни награди на најразлични математички натпревари. Во 2019 година освои сребрен медал на Јуниорска балканска математичка олимпијада по што, заедно со другите членови на тимот, беше примен и од министерката Мила Царовска. Сребрени медали освои и на две Ирански геометриски олимпијади, Европски математички куп, а златен медал на Математика без граници…

Претходна вестКластерот „Нефрологија“ се проширува – 32 вработени имаат ковид, 3 се во болница
Следна вестЗа аферата со возачки дозволи ќе одговараат и тие што ги издавале и тие што ги добиле