Осум години без Есма Реџепова, кралицата на ромската музика

Денеска се навршуваат осум години од смртта на кралицата на ромската музика, Есма Реџепова. Таа почина на 73-годишна возраст, по кратко боледување.

Реџепова е петто од шесте деца на Чанија и Ибраим Реџепови, кои живееле во мала куќичка во центарот на Скопје. Во 1957 година, Есма победила на натпревар во пеење во Сарај и добила покани за соработка од Радио Скопје. Во 13-годишната црномуреста девојка музичките критичари откриле вонсериски талент. Таа подоцна се вклучила во ансамблот на Стево Теодосиевски, а татко ѝ добил ветување од Стево дека тој ќе се грижи за неа, за нејзиниот настап и кариерата. Заедно почнале со скромни турнеи во Македонија, потоа во републиките на поранешна Југославија. Првиот настап на Есма надвор од СФРЈ бил во 1961 година во Бугарија.

Во својата долгогодишна кариера, Есма Реџепова сними и објави повеќе од 580 песни, меѓу кои и две платина и осум златни дискови. Изврши повеќе од 22.000 концерти, од кои една третина се одржаа за добротворни цели. Со Ансамблот Теодосиевски сними 108 синглови, 32 компактни касети, 15 дискови, шест видеокасети и бројни телевизиски емисии. Реџепова најмногу пееше на ромски и македонски, но исто така сними песни на српскохрватски, турски, хебрејски, грчки и хинди. Нејзините песни често зборуваат за љубов, тага и брак. Една од нејзините најпознати песни наречена „Чаје Шукарие“ стана химна за сите Роми насекаде низ светот.

Есма никогаш не родила свои деца, но посвоила и одгледала 47. Сите тие растеле и се школувале во ансамблот „Теодосиевски“.

Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена, таа е жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината.

Претходна вестУставен суд денеска расправа за Законот за јазици
Следна вестСудиите Осман Кадриу и Насер Ајдари не се присутни на седницата на Уставниот суд