Во четири скопски училишта утринава биле примени дојави за поставени бомби.
МВР соопшти дека дојавите се добиени околу 9.30 часот.
-Денеска во СВР Скопје околу 9.30 часот е пријавено дека на електронска адреса на четири училиште во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, се наведува во информацијата.
„Скопско ехо“ веќе објави дека нова дојава за подметната експлозивна направа стасала утринава во скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ и дека веднаш биле евакуирани учениците и персоналот. Според созананијата, дојавите биле добиени и во училиштата „Јосип Броз Тито“, „Никола Карев“ и „Орце Николов“.
Последна дојава за одметнати бомби во училиштата беше испратена завчера. Тогаш на адресите на девет скопски средни училишта биле примени мејлови и по што следеше евакуацијата на учениците и на персоналот. По полициските проверки МВР соопшти дека сите дојави биле лажни.
Првите дојави за подметнати бомби по скопските средни училишта биле добиени по електронска пошта на 26 октомври. По ова, дојавите стасувале и на 27 и 28 октомври, на 2 и 4 ноември при што, во просек, ги добивале од четири до осум училишта. Според првичните сознанија од истрагата дојавите биле испраќани по електронска пошта од Швајцарија, Австрија и американската држава Калифорнија.