Во Пустец, Мала Преспа, денеска нема да се случи отворање на бугарски културен клуб, најавено од бугарската Фондација Македонија. Од Фондацијата доцна синоќа на Фејсбук објавија дека ќе чекаат регистрација на клубот во албанските надлежни институции, па потоа ќе организирале свечено отворање.
– Поради одложена регистрација на Бугарскиот културен клуб утре го откажуваме свеченото отворање, но заедно во 13 часот ќе го прославиме 24 мај, денот на бугарската писменост, стои меѓу другото во објавата.
Претходно, градоначалникот на оваа единствена македонска општина во Албанија, Пали Колефски, за МИА изјави дека нема издадена дозвола за отворање на клубот.
– Нема дозвола од надлежните албански институции за отворање бугарски културен клуб. Ова го прават со цел да им се даде публицитет. Повеќе од очигледно е дека е провокација кон Македонија, рече Колефски.
Додаде дека пред околу осум месеци момче од Пустец студент во Бугарија изнајмил под кирија простор во приватен објект.
Тој побара да не им се дава внимание на овие провокации.
– Ние знаеме што сме, Македонци и тоа не може да го смени никој, а најмалку неколкумина кои за личен интерес си го продаваат најсветото-македонскиот идентитет, посочи Колефски во вчерашната изјава.
Истиот став го дели и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ Васил Стерјовски, како и претседателот на македонското друштво „Илинден” Никола Ѓурѓај, кои потсетуваат дека веќе подолг период „искажуваат загриженост од напорите на Бугарија за асимилација на Македонците не само во Мала Преспа туку и во Гора и Голо Брдо”.
Деновиве албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши при престојот во Пустец јасно кажа дека без разлика на одредени странски влијанија, во Преспа живеат Македонци.
– Во Преспа живеат Македонци, со македонски јазик, идентитет, култура, традиции. Без разлика на некои странски влијанија за нас тука живеат Македонци. Тие се една заедница што е додадена вредност во мозаикот на културните, историските, етнографските и јазичните вредности на нашите простори, рече Пелеши, кој објавувајќи ја веста на Фејсбук постираше и фотографија.