Откриен огромен древен град, најстар во Амазонија, во него живееле илјадници луѓе

Во Амазонија е пронајден огромен древен град, кој илјадници години бил скриен во бујната вегетација. Ова откритие го менува тоа што се знае за историјата на луѓето кои живеат во Амазонија, пренесува „Би-би-си“. Куќите и плоштадите во областа Упано на истокот на Еквадор биле поврзани со голема мрежа на патишта и канали.

Областа се наоѓа во сенка на вулкан поради кој околната почва е многу плодна, но можеби тоа и довело до исчезнување на заедницата која живеела таму.

На основа на сознанијата за градовите во планинските предели на Јужна Америка, како Мачу Пикчу во Перу, се верувало дека луѓето живееле само како номади или во мали населби во Амазонија.

– Ова е постаро наоѓалиште од било кое друго археолошко наоѓалиште кое го знаеме во Амазонија. Имаме евроцентричен поглед на цивилизацијата, но ова покажува дека мораме да ја промениме нашата идеја за тоа што е култура и цивилизација, изјавил професорот Стефан Ростин од Центарот за научни истражувања во Франција, кој го предводел истражувањето.

Според зборовите Антоан Дорисон, кој е ко-автор на истражувањето, тоа го менува начинот на кој ја гледаме амазонската култура.

– Повеќето луѓе замислуваат мали групи, веројатно голи, како живеат во колиби – ова покажува дека древните луѓе живееле во компликувани урбани општества, истакнал тој.

Градот е изграден пред околу 2.500 години и во него, како што проценуваат научниците, живееле 10.000, а можеби и 100.000 луѓе.

Претходна вестПрескапи се: Македонија може да издржи парламент со најмногу 100 пратеници
Следна вестИзмамена жена од Гостивар, и продале туѓ стан