Започна со работа новата поликлиника Сарај, која ќе опслужува над 45 илјади жители. Инвестицијата е во вредност од 1,3 милиони евра, обезбедени од Министерството за здравство. Новата здравствена установа беше пуштена во употреба денеска во присуство на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби и министерот за здравство Фатмир Меџити.
Поликлиниката во Сарај ќе обезбедува здравствена заштита за граѓаните од над дваесет населени места, меѓу кои Бојане, Матка, Копаница, Чајлане, Буковиќ, Кондово, Љубин, Радуша, Шишево, Горно и Долно Свиларе, Грчец, Крушопек, Ласкарци и други. Досега пациентите од оваа општина ги користеа здравствените услуги во најблиската поликлиника Ѓорче Петров.
– Ова е заеднички успех со кој треба да се гордееме. Новата поликлиника ќе биде дел од Здравствен дом Скопје, со што ќе придонесе за уште поефикасна здравствена заштита на населението во делот на примарното здравство. Во неа ќе се обезбедуваат здравствени услуги за превентивна здравствена заштита, односно ќе функционираат вакцинални пунктови за деца од предучилишна и училишна возраст со превентивна детска стоматологија, рече Меџити.
Покрај превентивните служби, во Поликлиниката ќе се обезбедува и специјалистичко–консултативна здравствена заштита. Опремени се биохемиска лабораторија, кабинет за рендген-дијагностика, ОРЛ кабинет и кабинет за дерматовенерологија.
Фото: Фејсбук