Отвори ли постапка Обвинителството за мега скандалот со личните документи?

Трет ден како голем дел од македонските граѓани (околу 650.000 лица) се уште не можат да патуваат надвор од Македонија. Го немаат пасошот во кој стои омилениот збор на власта – „Северна“. Значи, една третина од населението е ставена во државен притвор.

Дали за ова масовно кршење на човековите права загарантирани со Уставот некој правно ќе одговара?

Видни правници во Македонија уште пред два дена рекоа дека обвинителството е на потег. Пензионираниот професор по административно право Трајче Давитковски истакна дека оној што нарачувал обрасци за лични документи во 2019 година со старото уставно име, веднаш треба да биде повикан во обвинителството да даде отчет.

– Јавниот обвинител уште денеска треба да го повика оној кој што во 2019 година нарачувал стари обрасци кои што беа во употреба до 2021 година. И сега на крај, тогаш кога се велеше дека ќе продолжат да важат, а се знаеше дека нема да важат, бидејќи тоа е меѓународен договор, тој треба да биде повикан од јавниот обвинител и да даде отчет, бидејќи на овој начин се кршат многу уставно загарантирани права на граѓаните, истакна професорот завчера.

Реагираше и поранешниот судија и сегашен адвокат Владимир Туфегџиќ:

–Одговорност мора да има од едноставна причина што во изминатите 5 години при издавањето на лични документи со стариот формат надлежниот орган на управата не превземал ниту едно дејствие со цел навремено известување на граѓанинот дека рокот на важност на стариот формат истекува на 12.02.2024 година. Тоа било обврска да го направи со запишување на рокот на важност до 12.02.2024 година во самиот документ или при издавањето на документот истовремено да му достави писмено укажување за крајниот рок на важност. Доколку се постапело на овој начин денеска состојбата на работите ќе беше поинаква, а странката ќе се сметало дека е навремено известена. Во секој случај штетата е направена и одговорноста е на менаџерскиот тим во МВР и затоа на потег е ОЈО за ГОКК во чија надлежност е постапувањето на полициските службеници, истакна овој адвокат.

Реагираа и познатиот адвокат Јанаки Митровски кој смета дека се нарушени правата на граѓаните на слободно движење и дека има основ граѓаните да покренат тужби. На утврдување на одговорноста повикуваше и Народниот правобранител Насер Зибери…

Отвори ли постапка обвинителството? Се истражува ли…?

Обвинителите, да се надеваме ќе реагираат барем врз основа на – допрен глас. Многу граѓани на Македонија, многу правници гласно укажуваат каква голема неправда и понижување е нанесено и укажуваат дека истрага за овој мега скандал мора да има.

Претходна вестМакедонскиот амбасадор во Италија побарал италијанското МНР да не ги признава пасошите без ,,Северна”
Следна вест,,Левица” со кривична пријава против Груби за противправно стекнување имот