Почна одбројувањето до почетокот на изборната кампања. Сега е преткампањата која е почната кога завршија претходните избори и трае, еве, со години.
Се изнагледавме и изнаслушавме разни подметнувања меѓу политичките партии. Црна кампања има колку сакаш.
Но, тоа ќе трае само до среда.
Политичките партии во среда, ден пред официјалниот почеток на изборната кампања, ќе ја потпишат Декларацијата за фер, слободни и демократски избори и против говорот на омраза. И потоа се ќе биде само кажување за програмата, за она што сработиле…
Така ќе потпишат лидерите. А кога тие ќе потпишат и ветат веќе не треба да има сомнеж дека нема и да спроведат.
Инаку, потпишувањето на Декларацијата е традиционален настан на кој потпис ставаат претседателите и подмладоците на политичките партии.
Од среда се создава поинаква политичка култура која ќе го издигне политичкиот дијалог на повисоко ниво. Овој пат е сигурно.