Па нели директорите ќе се бираат на конкурси, а не со владини декрети?

Власта почна да си ги поставува своите пулени за директори, односно фукнционери од третиот ешалон. А се ветуваше сосема друго.

Конкурси, конкуреција, избор на најдобри кадри… сето тоа се ветуваше од актуелната власт кога станува збор за избор на раководни кадри на најразлични бројни државни претпријатија, агенции, бироа… Ветувањето беше да се смени досегашната пракса на именување на однапред договорени кадри кои потоа ќе спроведуваат партиска политика во нив. Но, дали тоа и се случува? Очигледно не.

Тоа и го покажаа првите именувања на првите луѓе во неколку вакви државни органи. Ејуп Рустеми, досегашен директор на претпријатието „Македонски пошти“ кое натрупа загуба од цели 10 милиони евра неодамна од страна на Владата беше именуван за директор на ЈП „Државни патишта“. Во директорските фотељи, пак со одлука на Владата, без конкурси си останаа и директори во Службата за општи и заеднички работи и на Бирото за јавна безбедност, на…

На вчерашната владина седница, пак, продолжија експресни разрешувања и именувања. Прифатена била оставката на Билјана Јовановска од директорската функција во Агенцијата за вработување, а на нејзино место е именуван Абдуш Демири. На УО на ЈП за стопанисување со пасишта му е предложено да го разреши актуелниот директор Љујзим Фејзулаи и на негово место да го именува Нефрус Челику. Разрешена е Славица Тодорова, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и е назначен Милутин Станчиќ. Аљајдин Хавзиу, е разрешен од должноста директор на Државниот инспекторат за труд и на таа позиција е именувана Јована Тренчевска. Од должноста в.д. директор на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот е разрешен Арбен Виља, а за в.д, диектор е именуван Дејан Павлески…

Парадоксално, но единствен Јавен оглас за именување на нов директор ќе биде распишан за директорот на Агенцијата за филм. Владата вчера реши на Горјан Тозија да не му го продолжи мандатот туку да биде објавен Јавен оглас за именување нов директор на Агенцијата за филм.

Значи, одново фрчат именувањата, без конкурси, без поднесени програми за работа, визии за развој, трансформација… Се заборави и на барањата на државната Антикорупциска комисија која инсистираше за сите директори да се распишат конкурси за да се изберат компетентни лица, да се остави простор за конкурентност и професионалност.

Коалициските пазарења повторно ги потиснаа ветувањата и потребите на чело на овие претпријатија, бироа и агенции да застанат кадри кои навистина ќе се покажат како најдобри во конкуренција на повеќе кадри. Партиските каратеристики и подобност, очигледно, и натаму останаа најдобра „препорака“ и „професионален“ критериум за избор.

Ќе има ли барем малку подобрување на работите околу поставувањето на директори не е извено. Извесно е само тоа дека лошите резултати во работењето и загубите кои пак ќе се трупаат во многу од јавните претпријатија и агенции ќе ги плаќаат сите граѓани на Македонија.

Претходна вестКолку објекти немаат парно во Скопје, 360 или 81 и кога сите ќе се стоплат?
Следна вестПендаровски и на овој празник повика на помирување, но кога ќе почне да работи на тоа?