Пендаровски и на овој празник повика на помирување, но кога ќе почне да работи на тоа?

 Претседателот на Македонија Стево Пендаровски не го пропушти и денешниот голем  празник за да повика на помирување. 

-Овој предизвик со глабалната пандемија на Ковид – 19 што ги надминува нашите разлики е истовремено и можност преку солидарноста да постигнеме граѓанско помирување кое ни е толку непходно. Само ако се грижиме едни за други, само ако државата се грижи за секој свој граѓанин, ќе има надеж, порача, покрај другото, Пендаровски во денешната честитка по повод 23 октомври, Ден на македонската револуционерна борба.

Во честиката тој потсети дека основоположниците на македонското револуционерно движење беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето време.

-Тоа беа идеали за слободна македонска република, втемелена врз демократски принципи, во која ќе има соживот меѓу различните етнички, верски и јазични заедници. На нив се надоврзаа илинденците и антифашистите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и државност, потенцира Пендаровски.

За кусо време, ова е нов повик за граѓанското помирување што го упатува претседателот Пендаровски. Неодамна, по повод на 11 Октомври во честитката тој рече дека помирувањето е потребно.

-Нужно е, час поскоро, да се помириме и обединиме во изградбата на солидарно општество во кое ќе се почитува правото на достоинствен живот на секој македонски граѓанин. Со тоа ќе го дадеме нашиот придонес кон прогресивното, глобално движење за човекови права и слободи, за социјална правда и еднаквост, истакна тој.

Слични му беа и пораките на одбележувањето на денот на АРМ, при стапувањето на должност…

Но, како и по претходните, така и по најновата порака останува впечатокот дека и по сите вакви ставови, сепак, поделбите, реваншизмите, маргинализирањето на оние што мислат спротивно на власта, игнорирање на мислењето на голем дел од населението… остануваат во македонската пракса. Односно, во јавноста се наметнува прашањето каква цел имаат ваквите пораки на Пендаровски.

Дали се работи за рутинско испраќање на пораките со цел да се покаже дека е претседател на сите граѓани или, пак, ќе следат и конкретни чекори во насока на помирувањето. Факт е дека македонското општество е многу поделено во овој период. Склучувањето на договорите со Грција, со Бугарија, референдум, промена на името на државата, преговори околу историски личности и настани, како да се справиме со пандемијата… сетоа тоа се прашањата кои длабоко, но и масовно ги поделија граѓаните. Тоа значи дека треба активно да се работи и преземаат чекори за да се помират спротивставените страни. Такви чекори и се очекуваат од Пендаровски. Во спротивно, ќе остане само дека повиците беа упатувани формално.

Претходна вестПа нели директорите ќе се бираат на конкурси, а не со владини декрети?
Следна вестПразнично, заменици министри ќе положат цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев