Чемпресот кој во 1980 година го засадила Мајка Тереза во центарот на Скопје, а кој падна во неодамнешното невреме и поради што беше исечен, ќе биде заменет со нова истовидна садница. Ова денеска го соопшти градското ЈП „Паркови и зеленило“ по реакциите на организацијата ИДКНА – Оддел за наследство на Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза. Ова организација соопшти дека барала да се преземат сите мерки ова дрво да се врати таму каде што беше.
-Зачудувачки, овој наш апел остана незабележан и денеска наместо да се санира состојбата, да ја врати елата во првобитната положба, се пресече на неколку делови, се натовари во камион и испрати во непознат правец. Фирмата која ги извршила овие дејствија, направила варварски чин врз објект кој припаѓа на наследството на Мајка Тереза. Итно бараме од општинските и централните власти да започнат процедура за преземање одговорност за сторителите на овој грозен чин, соопшто Одделот за наследство на Гонџа Бојаџиу.
Воедно се бара што поскоро да се засади уште една ела, но со поголеми димензии, каде што ќе биде изгравирана белешката дека Мајка Тереза засадила ела на местото кое било нејзин дом.
Од ЈП „Паркови и зеленило“ соопштија дека паднатото дрво на плоштадот Македонија од видот чемпрес кое е од исклучителна вредност за скопјани за жал заради самата јачина на силниот ветер и поројниот дожд беше затекнато паднато.
-Службите извршија увид на локацијата на дрвото и беше констатирано дека заради плиткиот коренов систем и наносите на дожд и ветер од невремето придонеле за пад на истото. Поради скршениот корен на дрвото и неговата габаритност не било возможно негово повторно засадување и службите од секторот Дрвореди пристапиле кон негово отстранување од просторот. До ЈП Паркови зеленило веќе пристигнаа барања од граѓани и здруженија за повторно засадување на истовидно дрво на истото место. Ја информираме јавноста дека истото ќе биде извршено чим временските услови за садење на дрвја во текот на сезоната ќе бидат овозможени, соопшти ова градско претпријатие.