Во акција на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје, минатата недела се санкционирани 185 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Како што соопштуаат од Јавното претпријатие, во периодот од 26 декември до 1 јануари, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ПОЦ отстранети се 93 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 92 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.
– ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар, наведуваат од ПОЦ.