На денешен ден пред 19 години се случи трагичен настан во месноста Карпалак. Припадници на УЧК со ракетни фрлачи нападнаа конвој на АРМ при што загинаа 10 млади бранители на Македонија.
Денеска на половина пат од Скопје кон Тетово, на местото на настанот се одбележа 19-годишнината од тој немил настан од времето на конфликтот 2001 година.
Владата одлучи на одбележувањето од нејзина страна да присуствува само советник за одбрана на претседателот на Владата. Се положи свежо цвеќе на спомен-плочата во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово. За кратко се припомна на прилепските бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушидоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Венци со свежо цвеќе положија и други делегации и претставници од составот на резервните воени обврзници, членови на семејствата и пријатели на загинатите.
За потсетување, скромната спомен плоча изминатите години беше неколку пати кршена и отстранувана. Никогаш не се даде одговор зошто не се направи подостоинствено обележје во чест на младите животи дадени за Македонија.
Зарем да се оддава почест на македонски херои на банкина од пат?