Каква е иднината на Македонија ако добие влада со купени пратеници?

Секој ден се најавува дека е скроено мнозинство за формирање влада. Те едните, те другите уверуваат се блиску до целта – да ја запоседнат владината зграда и да ја земат власта во Македонија. Но, резултатите од вонредните парламентарни избори покажаа дека не така лесно ќе биде да се состави стабилно владино мнозинство. Всушност тешко ќе се состави мнозинство од повеќе од 61 пратеник, кое ќе гарантира дека нема да има проблеми да се одржуваат седниците, да се изгласуваат законите, да се владее четири години.

Но, од она што се гледа деновиве и двете големи политички групации се упорни во решеноста да формираат такво мнозинство. Се користат сите „аргументи“. Прво „Левица“, а потоа и од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека аргументите често преминувале и во големи суми на пари и други привилегии за да се придобијат штотуку избраните пратеници на своја страна иако биле на други пратенички листи.

-Ужасни работи се случуваат во македонската политика. Пред три години купуваа пратеници за да сменат устав, сега се обидуваат да купат пратеници за да владеат. И се тоа како да станува нормална работа, е една од реакциите на скопјани на социјалните мрежи.

Граѓаните реагираат дека овие појави целосно го поткопуваат демократскиот процес во Македонија.

-Ако и овој пат има такви „пребези“ на пратеници тогаш веќе избори и не ни требаат. Нека отворено си ја прогласат диктатурата на парите и моќта. Барем нека не не лажат дека тоа е мотивирано со желбата земјата да оди напред во нејзините евро-атлантски интеграции, посочуваат граѓаните.

Дали овие реакции и страв кај граѓаните дека се уништува демократијата во Македонија допира до оние кои нудат пари на пратеници само за да владеат?

Овој пат купи-продај пратеник не смее да се случи. За жал, нашиот парламентарен систем не изградил заштитни механизми од вакви „премислувања“ на пратеници, но доколку граѓаните бидат сведоци на тоа, тоа ќе значи нова деградација на политичките процеси во земјава. Новите избори беа нова шанса за воспоставување на нови вредности во однесувањето на политичките партии. Ама ете се некако тера кон старите пракси кои и ја донесоа Македонија на ниски гранки на секое поле, а младите масовно ја напуштаат земјата.

Ако сега се испушти и оваа шанса и продолжи купопродавањето на пратениците тогаш, дефинитивно, кај граѓаните ќе се уништат и последните надежи дека нештата ќе се сменат. Како што скандалот со шефицата на СЈО Катица Јанева ги урна надежите во воспоставувањето на правдата за сите, така сега може да се урне и вербата во највисокиот храм на демократијата – парламентот и изборите.

Претходна вестВо последните 24 часа во светот над 270.000 нови случаи на коронавирус
Следна вестПак почит на загинатите бранители кај Карпалак се оддаде на банкина од пат