Пандев: На цела Македонија и се оствари сонот, сите заедно се радуваме

На цела Македонија ѝ се оствари сонот, сите заедно се радуваме и да настапуваме на ова ЕП со победи, изјави доцна синоќа Горан Пандев, по пристигнувањето на нашите фудбалски репрезентатовци на граничниот премин Блаце. Македонската фудбалска репрезентација рано утрово пристигна во Македонија после историскиот пласман на ЕП.

Стрелецот на решавачкиот погодок и капитен на репрезентацијата искажа благодарност за пречекот.

-Знаеме сите дека поминавме долг пат до ова ЕП, навистина дечките го заслужија ова и уште не сме свесни што направивме. Среќни сме, во следните денови ќе се свестиме дека сме на ЕП. Уште ние фудбалерите фалевме да се пласираме на едно ЕП. Не верував дека на 38 години ќе се пласирам на едно ЕП. Добро што дојде овој корона вирусот, па ми ја продолжи кариерата уште малку. На цела Македонија ѝ се оствари сонот, изјави Пандев.

Селекторот на репрезентацијата Игор Ангеловски рече дека се среќни и заради тоа што го обединиле народот.

-Среќни сме што успеавме да го обединиме народот, бидејќи ние во репрезентацијата така живеевме 5 години. Без разлика на етничка, верска било каква припадност. Бевме големо семејство, а тоа ни донесе пласман на Европско првенство, рече Ангеловски.

Честитки на фудбалерите на пречекот им упати и премиерот Зоран Заев.

-Целата држава, сите македонски граѓани ја споделуваат радоста за успехот на фудбалската репрезентација. Еден гол за сите, една победа за сите! Така е кога заедно играат Македонци, Албанци, Турци… во исти дресови, под исто знаме и за заедничката татковина. Ова покажува дека само заедно можеме еден за сите, сите за еден, потенцира Заев.

Тој рече дека Владата за овој голем успех ќе ги награди репрезентативците со по 10.000 евра.

Претходна вестСкопје одбележува 76 години од херојското ослободување од фашизмот
Следна вестВо Скопје вчера биле хоспитализирани 40 пациенти позитивни на вирусот