Пановски до Министерството: Итно објавете протоколи за Ковид 19, лекари препишуваат многу антибиотици што и атлети не би издржале

Молба и апел до Министерството за здравство, Лекарска комора на Македонија и Македонско лекарско друштво под итно да се преведат протоколи за Ковид 19 и да се објават за да служат на лекарите, упати денеска микробиологот Никола Пановски.

Во објавата на Фејсбук Пановски укажува дека лекарите препишуваат преголеми дози на антибиотици и други лекови кои не се соодветна терапија во одреден период за некои пациенти. Во објавата тој го навел случајот со пациент кој бил воден од интернист.

-Пациентот е со ЦРП 1,5, леукоцити 3,5, и се друго е во нормала освен покачени д димери 850. РТГ – понагласена бронхијален цртеж долу десно. Терапија: Панцеф, 10 дена, Сумамед 6 дена, Моксирал 10 дена, тоа од антибиотици, друго: ампули Nevaxon, Aminophyllinum, Novalgetol, Urbason, Famotidin, Clexan, се тоа да се прима два пати на ден, инфузија NaCl, и уште 3 суплементи во таблети. Пациентот ги купил сите лекови за 7000 ден, за среќа налетал на мои совесни колеги кои го пратиле на друг интернист и избегнато е ” труење со медикаменти”, наведува Пановски.

Тој додава дека се работи за регион во Македонија каде смртноста од Ковид е три пати повисока од просекот кај нас, а ова била стандардна терапија.

-Како стручен за антибиотици нагласувам: сумамед се пие 3 дена, никогаш не се комбинира со моксирал, спектарот им се преклопува, а инаку во случајов нема индикации за антибиотик, нема пневмонија. За другите лекови нема да коментирам, само не ги разбирам зошто се дадени освен клексанот. Порака до МЗ, ЛКМ, МЛД, Ве молам под итно преведете протоколи за Ковид 19 и објавете ги!!! Хрватските се ок. Ова лудило мора да престане. Едуцираните и совесни матични лекари и оние од секундарното ниво на здр.заштита се под невиден притисок од пациентите да се приклучат кон ова лудило и епидемија од полипрагмазија. Штетата е огромна во секој поглед, па и во смисла на смртноста. Волку лекови одеднаш ни здрав атлета не би издржал, потенцира Пановски.

Професорот Пановски, инаку, во објавата и нагласува дека се одлучил ова да го напише по долго мислење и проверка: „По непроспиена ноќ и консултација со пет колеги, кои ги почитувам, а се активни во борбата против Ковид 19, и нивниот одговор 4:1, дека треба да објавам приказ на случај на пациент, не го знам, воден од интернист и него не го знам (резултатите се со избришани имиња и ЕМБГ, ги имаат петте колеги и Министерот Филипче, не би ги објавувал оригинално, сепак)„.

Претходна вест70 годишен маж се обидел полово да нападне 10 годишно девојче во Скопје
Следна вестЕурофарм Пелистер загуби на гостувањето во Германија