Параходот на Никола Бадев вечно ќе плови воздигнувајќи ја македонската музика

„Параходот ми пристигна, збогум либе подај рака, не плачи мило либе, не жалај, јас пак ќе се вратам…“, ова се првите стихови од песната „Параходот“ која е влезена во свеста на македонскиот народ благодарение на интерпретацијата на Никола Бадев. Поинаку и не може да биде со оглед на тоа какви се музички квалитети и каков феноменален глас имаше Бадев.

Впрочем, веројатно тој е еден од најдобрите вокални интерпретатори коишто ги имала Македонија. Бадев стана вистински народен пеач, интерпретатор кој високо ја крена и ја прослави македонска народна песна. Со тоа, по неговата смрт на 25 септември 1976 година, остави неизбришливи траги во македонското културно наследство.

-Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа, вообичаено зборувал Бадев.

Тој е роден во 1918 година во кавадаречкото село Глишиќ, во земјоделското семејство. Со неполни десет години започнал скришум да свири на виолина, а во неговата музичка наобразба многу му помогнал вујко му Васил Неделков, кој како самоук музичар свирел на повеќе инструменти.

Интересно е да се каже дека во 1944 година се приклучил во НОВ, како борец-болничар во Втората македонска ударна бригада. По завршувањето на Втората светска војна, Бадев завршил курс за медицински техничари и болничари и се вработил како санитарен инспектор-хигиеничар во Кавадарци.

Во тоа време, тој веќе бил познат пејач во околината на Кавадарци, пеејќи на свадби, другарски вечери и забави. Но, решавачака била 1948 година, кога Бадев го освоил првото место на Фолклорниот фестивал во Скопје, оставајќи голем впечаток кај етномузикологот Васил Хаџиманов по чија препорака во 1950 година ја започнал професионалната кариера како пејач и инструменталист на тамбура. Набргу станал член на Народниот оркестар, а подоцна бил и негов раководител. Забележан од истакнатите етномузиколози, Бадев за кусо време станал член на Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.

Својата прва грамофонска плоча, Бадев ја снимил во 1952 година за ,,Југотон”, а тоа била песната ,,Тешка беше нашата разделба”. Потоа, следуваат и други. За потребите на Радио Скопје, Бадев снимил над 500 песни, меѓу кои најпознати се: „Збогум, мајко, јас отидов“, „Ој, Јано, Јано“, „Параходот ми пристигна“, „Билјана платно белеше“, „До три ми пушки пукнаа“, „Ферман дојде џанам од Стамбола“, но и бројни дуети со повеќе македонски пејачи, како: Анка Гиева, Васка Илиева, Есма Реџепова, Благој Петров – Караѓуле, Александар Сариевски и други.

Имал компонирано и свои песни, но во тоа време не можело да има новокомпонирана песна, така што морал да каже дека таа песна е народна. Затоа многу негови песни се претопиле во народни, а со тоа тој станал една од легендите меѓу интерпретаторите и афирматорите на македонската народна песна.

Претходна вестЕпидемиологот Даниловски до Комисијата за заразни болести: Дали сте бре нормални, ќе сте набавеле Паксловид во иднина!?
Следна вестГруевски: Не сум се сретнал со луѓе од СДСМ, со многу политики на ВМРО-ДПМНЕ не се согласувам