Пари и терапија за само 15 пациенти со цистична фиброза, регистрирани меѓу 130 и 140 – вели извештајот на ДЗР за Клиниката за детски болести

-Клиниката за детски болести обезбедила околу 2,9 милиони евра (180.350.000 милиони денари), износ кој е доволен за набавка на терапија за само 15 пациенти со цистична фиброза додека, согласно приложената документација, во земјава се регистрирани меѓу 130 и 140 пациенти, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на финансиското работење на установата за 2022 година. Со извршената ревизија се констатирани состојби и неусогласености од различна природа кои влијаат на изразување на мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2022 година, стои во извештајот на ревизорите.

Без да се навлегува во медицинската исправност на одлуките на докторите и неоспорувајќи ја потребата од вклучување на пациентите на соодветна терапија, состојбата со ограничен буџет и ограничен број на пациенти на кои се дава терапија, доведува до постоење на ризик од субјективизам при изборот за лекување на пациенти, нагласуваат ревизорите.
Ревизорите утврдиле дека Клиниката за детски болести, која воедно е центар за лекување на пациенти со цистична фиброза, дел од нив се лекувале со лекови кои не се на позитивната листа за кои се обезбедува условен надоместок преку Фондот за здравство или се набавуваат преку програмата за лекување на ретки болести од министерството за здравство.

– Подобрување на третманот и начинот на лекување на пациентите со цистична фиброза започна во 2008 година, кога на позитивната листа се воведени три инхалациони лекови кои до пациентите се доставуваат преку инсулинските аптеки. Но, во периодот кој следува на пазарот се достапни нови генерации на лекови за третман на цистична фиброза кои до денот на ревизијата не се воведени во позитивната листа, констатираат ревизорите.

Во извештајот на ДЗР се нотира и несоодветна примена и недоследно почитување на Законот за јавни набавки во дел од постапките што влијае на конкуренцијата и економично, ефикасно и ефективно користење на јавните средства.

Претходна вестБуфон: Мојот најголем срам е што ја купив средношколската диплома
Следна вестМитрески: Утре ќе ги распишам претседателските избори, се консултирам и за парламентарните