Парламентот го остави македонскиот автобус да чмае во лер

Македонските пратеници ќе се вратат на работа по истераниот викенд. Да, животот е немилосрден кон народните избраници па мора и во понеделник да работат. Тешко нив, мора да рмбаат за наше добро.

А тешко ли е на Македонија од нивната работа? Што сработија минатава недела?

Шест министерства чекаат да добијат нови министри и нивни заменици. Значи една третина од Владата е во „лер“, а пратениците не побрзаа тоа да го решат, само празно дискутираа и се расправаа или ги нема во салата и…

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, во петокот најави продолжение на седницата во понеделник, без образложение зошто не се работеше и за време на викендот. Зарем не треба Владата да уфрли во права па во втора брзина? Им се допаѓа македонскиот автобус да е паркиран на тротоар и да работи во лер?

Го нема главниот спикер, а и предлагачот на разрешувањата и именувањата, Димитар Ковачевски отиде на пат. Сега, па нели најважно е да се средат работите дома?

За потсетување, дебатата на пленарната седница за разрешувања е заглавена на првата точка, на која се дискутира за министерот за здравство Беким Сали. Опозицијата критикува – некогаш предолго, парламентарното мнозинство најчесто не е во салата, повеќе е по ходниците, некои на заслужен ручек…

И така, има некои од министерствата каде и министерот и заменикот се во оставки…

Ова е функционалноста која и е потребна на Македонија?

Опозицијата кочи, ќе рече власта. Добро, но што власта прави, сето ова да се откочи и дали всушност македонскиот автобус е ставен во лер токму од нив и нивните желби да прават реконструкции, а теренот не им е подготвен?

Е сега, факт е дека пратениците може си велат – и да има нови министри ништо нема да се смени на подобро – па затоа не брзаат.

Претходна вестПовторно инциденти во САД, убиства во Њу Џерси, силувано дете во Тексас
Следна вестРуското и американското оружје ќе се судрат во Абу Даби?