Власта минативе години силно се фалеше дека многу гради патна инфраструктура. Се правеа дури и спотови каде уверуваа дека направиле 1500 киломерти патишта. Ама всушност Македонија е полна со застарени патишта, полна е со нерамни патишта со дупки и пукнатини, полна е со многу започнати проекти кои не се завршуваат со години… Ништо не е подобро ни со пругите – напротив. Железничката инфраструктура е срам за Македонија. Пругите се дотраени, овозможуваат само мали брзини од по неколку десетина километри на час, некои пруги веќе одамна не виделе воз, а некои делници кои беа ветувани дека ќе се направат не видоа машини и работници како што треба.
Едноставно кажано – Македонија кога е во прашање патната инфраструктура не е влезена во 21 век. Цели подрачја од земјата се значително отсечени, а граѓаните се принудени и натаму да возат по стари, тесни и лоши патишта или да губат време и бензин за да одат по заобиколни патишта кои се навидум подобри. Ваква е денешна реалност во патната инфраструктура во Македонија. Ако вака се остави состојбата државата сигурно ќе стане слепа улица во регионот иако се наоѓа цо централниот дел на Балканот и природно е крстосница на коридорите исток – запад и север – југ.
Зошто се дозволи ова? Многу пари се дадоа и потрошија од државните буџети во минатите години. Каде остидоа, зошто немаме добра патна инфраструктура?
Реконструкциите на старите патишта тешко и бавно се прават, а нови само на хартија се градат или тоа се прави со брзина на полжав.
– Воопшто не сум задоволен од тоа во каква ни се состојба патиштата. Старите патишта имаат неопходна потреба од обновување, а новите патишта се прават неквалитетно. Пругите, пак, се во очајна состојба, резигнирано вели Сашо Здравевски.
Пруги и патишта доцнат со децении
Таква состојба на неодржувани и недоправени патишта и пруги може да се види речиси во секој дел од земјава. Вообичаено се смета дека е најважна сообраќајната автопатска и железничка артерија од Куманово до Гевгелија во која досега најмногу се вложувало. Но, и на неа патувањето со возови стана несигурно откако почнаа да се уриваат столбовите на железнички мостови заради децениското несанирање, а пругата никако да се модернизира за поголеми брзини на возовите. Пругата кон Бугарија, пак, никако да се заврши. Започната во 1994 година и по потрошени стотици милиони евра таа е се уште далеку од завршетокот на трите делници чија градба одвај продолжи пред две години. Сега има и нов рок – 2027 година за кој е прашање дали ќе се исполни. Делницата од Куманово до Бељаковце е изградена нешто повеќе од 45 проценти, од Бељаковце до Крива Паланка над 18 отсто, а од овој град па до бугарска граница допрва треба да почне градбата на 24 километри со неколку тунели и мостови. Можно ли е тоа?
А нови пруги уште се во проекти. Со Србија се потпишува Меморандум за изградба на брза пруга од Табановце па до Скопје и до Меѓународниот аеродром „Скопје“, во планови е уште градење на пругата од Кичево до Струга и од Струга до граница со Албанија… И толку, другите делници не се ни спомнуваат што значи дека по застарените и неодвршените пруги и натаму ќе се движат се помалубројните возови.
Тешко и бавно оди и градењето на новите патишта. Силно започнуваат со ветувања и ставања камен темелници, ама потоа…
-Земјите во регионот не надминаа. Наскоро патниците од регионот ќе почнат да ја заобиколуваат Македонија бидејќи се направија алтернативни коридори, ни коментира Дамјан.
Веќе неколку години не може да се заврши патот од Скопје до граничниот премин со Косово Блаце долг 12,5 километри, почнат во 2020-та година. Уште не се пушта делницата од 2,5 километри на која досега се работело. Остатокот од 10 километри не се ни споменува за градба. Цела деценија веќе се гради автопатот до Кичево до Охрид долг 57 километри кој требаше да биде завршен до сега но кој сега доби нов рок – до крајот на 2026 година! Конзорциумот „Бехтел и Енка“ пак, почна со градба на нови четири автопатски делници долги 110 километри кои треба да бидат завршени за пет години, но веќе доаѓаат вестите дека градбите бавно напредуваат. Пречекорени рокови има и за експресниот пат Ранковце –Крива Паланка кој сега се гради, но и за експресниот пат Градско-Прилеп, кој веќе полни седум години се изведува на терен, а првичен рок за пуштање му беше крајот на 2022 година.
– Патиштата се катастрофа, автопатиштата се како ораница, исто и пругите. И тие што ги имаме не работат рентабилно, а камо ли нови да се градат, ни вели Зоран Богиќевиќ.
Има и патишта кои никако да дојдат на ред за реконструкција или пак за правење на нови траси. Патот од Кочани преку Македонска Каменица кон Делчево со години веќе е опасен за возење. Одрони на земја и камења често го запираат сообраќајот по тесниот коловоз, исто како и на делницата Виница – Пехчево – Берово. Меѓутоа, најави за негова реконструкција нема иако овој дел од источна Македонија нема друга патна врска со Скопје, а и таа траса води кон Бугарија. Исто така, одамна не е спомената реконструкцијата на патот Битола – Ресен – Охрид и потоа кон албанската граница, а кој е во лоша состојба, опасен за возење и со чести сообраќајни несреќи.
-Патниот правец од Битола кон Охрид треба да се реконструира заедно со обиколницата кај Ресен, предлага Кире Рајчановски.
Лоша е состојбата и на патиштата во струмичко-дојранскиот регион кои воедно водат и кон бугарската и кон грчката граница.
Корупција и неспособност како причина
Граѓаните, се разочарани. Многу пари се потрошени, а нема патишта кои би биле соодветни за 21 век.
– Ако нашиве власти беа сериозни и работеа за народот, до сега ќе имавме автопат кон Охрид, кон Бугарија, кон Косово и фреквентните патишта Прилеп-Битола, Битола – Охрид, и од Охрид кон Подградец. Во прашање е несериозен однос и, реално кажано, украдени пари по основ на провизија и лоши договори за градба кои се на штета на народот, смета Сашо Здравевски.
И Звонко Димитровски е незадоволен од спората градба.
-А причина за тоа е корупцијата и неспособноста. Инаку, за мене сообраќани приоритети во земјава треба да бидат патните правци Гостивар – Охрид, Прилеп – Битола, Штип – Струмица и Куманово – Крива Паланка, смета тој.
Зоран Богиќевиќ ѓи споменува и патарините.
-Битола и Прилеп не поврзани со квалитетен пат, а има голема френкфенција на возила. Тетово – Гостивар воопшто не е автопат, нема лента за запирање, многу патарини има. Одозгора, како граѓани двапати плаќаме патарини – еднаш при регистрација на возилата, а потоа на наплатни рампи, потенцира тој.
Зарем уште ќе се чека да се разбудат „градителите“? Ќе престане ли досегашната пракса – ќе се определи еден рок, а потоа следат одлагања поради „непредвидливи околности“? Ќе се продолжи ли со таквото „возење“ на граѓаните и во наредните години? Изборите можат да помогнат околу одговорот на овие прашања.
Патот Катланово – Петровец доби многу „датуми“
Крајот на март беше најновиот датум за завршувањето на маратонската реконструкција на автопатската делница од Катланово до Петровец. Но, од оваа најава на техничкиот премиер Талат Џафери, дадена при посетата на градилиштето помина цел месец, но делницата уште се привршува. Може наскоро ќе биде целосно готова, ама остана легендарно тоа што оваа кратка делница има долгата листа на датуми за завршување. Нешто слично како „датумот“ кој ЕУ и го дава на Македонија. Инаку, обновата на десетте километри од автопатот, којашто започна во далечната 2020 година требаше да трае само 12 месеци.
Турскиот султан побрзо градел пруги
Поголемиот дел од пругите низ Македонија се прилично дотраени. Може да се видат дрвени прагови кои се стари со децении. Сето тоа слабо се реконструира затоа и возовите мора да се со ограничена брзина на движење, а уште послабо се прават нови делници. А Македонија има традиција на железнички транспорт и градење. Уште во далечната 1873 година, во Велес пристигнал првиот воз од Солун, а само неколку месеци подоцна и до Скопје. Ама тогаш градел турскиот султан…, сега нашите „султани“ се поспори иако имаат повеќе механизација и можности.