МЗТ Скопје загуби од Спартак Суботица на првиот натпревар од полуфиналето во АБА2

МЗТ Скопје загуби на домашен паркет од Спартак Суботица со 73-79 на првиот натпревар од полуфиналето во АБА2 кошаркарската лига. Сонот за пласман во елитното регионално натпреварување за македонскиот првак полека згаснува, бидејќи српскиот тим е со една нога во финалето од плеј-офот.

МЗТ одигра натпревар со многу падови во играта, а лошо отвори и исто така лошо го заврши дуелот во „Јане Сандански“. По првиот период гостите водеа со 15-23, а во продолжението момците на тренерот Васко Атанасов го подобрија шутот и на паузата имаа негатива од 31-35. Во третата четвртина, МЗТ ги имаше своите најсветли моменти па дојде до пресврт и водство од пет поени разлика. Сепак, гостите од Суботица покажаа зошто беа најдобриот тим во регуларниот дел од сезоната. Во последните десет минути имаа подолга клупа, односно подобра ротација и ја вратија предноста на +10. До крајот МЗТ успеа само да ја намали негативата за конечни 73-78. Нашиот тим потфрли во скок-играта, бидејќи гостите имаа дури 22 скока повеќе.

Војдан Стојановски со 20 поени најмногу се истакна во таборот на МЗТ, додека кај гостите најефикасен беше Немања Гордиќ со 16 поени.

Македонскиот шампион ако сака пласман во големото финале, ќе мора на реваншот за седум дена во Суботица да слави најмалку со пет поени разлика.

Претходна вестОсновците и средношколците од утре на пролетен распуст
Следна вестПатиштата и пругите по Македонија не водат кон минатиот век, а многу пари се потрошија