Педесетина мигранти од Конго упаднаа во поранешна македонска амбасада во Брисел, од белгиските власти бараат сместување

Неколку десетици мигранти по потекло од Конго упаднаа во просториите каде порано беше сместена Македонската амбасада во Брисел. Станува збор за објект, кој согласно Договорот за сукцесија на имотот на поранешна Југославија, им припадна на Северна Македонија и Хрватска. Бриселските власти преговараат со организаторите на „окупацијата“, здружението Колектив на волонтери за интеграција на лицата без регулиран престој во Брисел (ЦСПБИБ), со цел мигрантите доброволно да го напуштат објектот, кој има екстериторијален статус.

Во разговор со претставници на нашата Амбасада во Брисел, од здружението дале ветување дека мигрантите нема да уништат или да украдат нешто од просториите, туку дека на овој начин само сакаат да извршат притисок врз властите за сместување на овие лица. Бриселскиот порталот „Бруз“ објави дека во објектот влегле 50-тина од групата од околу 150 лица кои досега биле сместени во друга зграда, од каде требало да бидат иселени во рок од една недела.

Претставникот на ЦСПБИБ, Сван Грос изјави дека целта на оваа акција е само да се привлече вниманието на јавноста со проблемот за недостигот на капацитети за сместување на мигрантите. Тој упати апел да властите „конечно да ги преземат своите одговорности“ и да донесат „вистинска политика за регулација, што ја препознава човечката вредност на оние кои живеат во страв дека ќе бидат депортирани“.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Белгија веќе некое време се соочува со недостиг на простор за сместување на овие лица, како резултат на зголемениот прилив на баратели на азил. Кон крајот на август белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол Де Мур најави дека Федералната агенција за прием на баратели на азил (Федасил) повеќе нема да им обезбедува сместување на барателите на азил-самци, со цел во услови на „зголемен прилив на семејства со деца“ да има доволно места за нивно загрижување и да се избегне опасноста „деца да останат на улица во текот на зимата“.

– Нема дополнителни места. Ова е привремена мерка што ја презедов за да се осигурам дека има доволно места за семејствата и децата, изјави Де Мур, додавајќи дека нема намера да се откаже од својата идеја за да не дозволи семејства на азиланти со деца да останат на улица во текот на зимата, затоа што државата нема каде да ги смести.

Весникот „Тајд“ на почетокот на месецов објави дека Белгија планира да изгради два времени центри за сместување во кои во текот на зимскиот период би биле згрижени барателите на азил, за кои Владата веќе пронашла две парцели каде ќе бидат поставени монтажни објекти за времено згрижување, но засега не ги соопштува нивните точни локации. Овие два нови центри најверојатно нема да бидат доволни за справување со азилантската криза, поради што белгиската Влада се обидува да најде можни решенија за обезбедување на дополнителни слободни места.

Фото: ЕУ Обсервер, илустрација

Претходна вестЗагина пешак откако бил удрен со „мерцедес“ на патот Кичево – Охрид
Следна вестМНР: Двајцата македонски државјани во Газа се безбедни