Србија ќе дозволи испорака на големи количества пченица и пченка која Македонија побарала да ги увезе од оваа соседна земја што е голем потег. Ова синоќа го изјави македонскиот претседател на ТВ Сител откако претходно таквата вест ја слушнал од српскиот претседател Александар Вучиќ.
-Пред да влезам во студиото ја видов изјавата на српскиот претседател дека Македонија барала 50.000 тони пченица и 25.000 тони пченка и дека ќе ни ги дадат тие количества. Која е големината на тој потег? Србија пред пет дена, на првиот или вториот ден кога почна руската интервенција во Украина, донесе одлука да го забрани извозот на сите витални стратешки производи, рече македонскиот претседател.
Пендаровски потсети дека пред неколку дена во Скопје беше шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ и дека директно го прашал дали Србија може да ѝ даде жито на Македонија, а Селаковиќ му рекол дека за тоа мора да разговара со претседателот Вучиќ.
-Од пред 2,5 години Руската федерација ја надмина Украина според продукцијата на пченица на светско ниво и Србите ги имаат тие конекции од претходно како неутрална земја, рече Пендаровски.
Инаку, српскиот претседател Вучиќ во вечерашното вонредно обраќање до јавноста за полититичката и економсата криза околу воениот конфликт во Ураина, изјави дека Србија на барање на Македонија ќе ѝ испорача 50 000 тони пченица и 25 000 тони пченка.
– Ние денеска ги добивме потребите на Северна Македонија, тие од нас побараа да им испорачаме 50 000 тони пченица и 25 000 тони пченка и тоа можеме веднаш да им испорачаме, немаме проблем во врска со тоа. Тие купуваат пченка од нас и секогаш ќе имаме и за регионот, и за нас, и за Северна Македонија, и за Црна Гора, и за Албанија, и за БиХ, изјави Вучиќ.
Инаку, и за време на големиот недостаток на вакцини, кога македонските власти не се снајдоа како што треба, Србија ни помогна со давање од своите залихи.