Пендаровски: Милков да прошета до Ваташа каде е извршен масакарот на 12 млади лица во 1943 година

Како прилично грозна шефот на државата Стево Пендаровски ја оцени изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, кој говорејќи во контекст на претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, рече дека станува збор за враќање на црни времиња и „црни традиции кои историски се поврзани со Македонија“.

Одговарајќи на новинарскоо прашање по вчерашната седница на Советот за безбедност, Пендаровски рече дека е среќа што новинарката не ја цитирала целата изјава на „г. технички министер за надворешни работи“ на Бугарија.

-Таа е прилично грозна. Вели во Македонија се враќа традицијата на колежи, на стрелање вели и на насилства. Единствено таа изјава може да биде точна ако мисли на периодот 1941-1944 година и кога ќе има техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија време може слободно да прошета до Ваташа да види дел од таа традиција, изјави Пендаровски.

Инаку, Пендаровски побара да му се забрани влез на  бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски. Пендаровски не го именуваше, но рече дека се работи за „европратеник од Бугарија“.

-Мој предлог до Владата кој го изнесов и на седницата е согласно одредбите на Законот за странци да му забранат влез во нашата држава на еден пратеник од Бугарија во Европскиот Парламент и на неколку други лица, државјани на Република Бугарија заради дејствијата кои порано ги преземале и сѐ уште ги преземаат против нашата држава. Законските услови за изрекување на таква мерка постоеле и порано и сѐ уште постојат. Тоа се трите, според законот ги цитирам, закана за јавниот поредок, закана за националната безбедност и закана за меѓународните односи на Република С. Македонија, изјави Пендаровски.

Во однос на тоа дали новите случувања водат кон ново вето од Бугарија за евроинтегративните процеси на земјава, претседателот рече оти искрено се надева дека одлуките на Софија нема да одат во таа насока.

-Не можам да знам што ќе направи бугарската страна, секоја држава суверено и автономно ги носи своите одлуки иако да бидам искрен не гледам ниту една основа за ново вето. Не можам да знам, се надевам дека нема да одат во таа насока бидејќи ова што го зборувам го знаете сите го живееме тоа, знаете дека станува збор за докажани инструирани провокатори кои тоа го прават, рече Пендаровски.

Претходна вестИзгоре куќа во скопската населба Гази Баба
Следна вестKaзнети 100 возачи во Скопје, деветмина поминале на црвено светло