Говорот на Претседателот Стево Пендаровски на 76. сесија на Генералното собрание на ООН во Њујорк се уште предизвикува ехо низ светот. Македонскиот лидер јасно даде до знаење на другите државници дека големи проблеми се решаваат со договори каков што е Преспанскиот.
-Мојата земја ја докажа способноста заедно со Грција да решава сложени прашања. Ефектите од Преспанскиот договор ќе бидат од корист и за нас и за земјите од регионот во целина, истакна Пендаровски.
Тој оцени дека во говор во ОН е важно и да се каже како Македонија е подготвена за конструктивен дијалог со Бугарија, за да се обезбеди целосна имплементација на Договорот за добрососедство од 2017 година. Воедно во своето обраќање пред претставници на земји од целиот свет тој ги повтори и често кажуваните реченици во Македонија дека е потребен пробив на планот на европските интеграции на Западен Балкан.
-Актуелниот ќор-сокак во тој процес ги фрустрира граѓаните и го намалува ентузијазмот за политички промени, нагласи Претседателот.
Инаку, предвидено е Пендаровски да има средба со генералниот секретар на Светската организација Антонио Гутереш, како и билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание. Што при тие средби ќе каже засега е непознато, освен што се знае дека на средбата со Гутереш била истакната важноста на Преспанскиот договор, а се споменувало и дека најкомлексните отворени прашања може да се разрешат доколку за тоа постои политичка волја и силно лидерство…