Ќе го спасат ли Шилегов и Марин дрворедот во Аеродром од моторните пили?

Убавиот дрворед на улицата „Васко Карангелевски“ во Аеродром утрово не беше нападнат од секири и моторни пили. Екипата на „Скопско Ехо“ ги затекна само паркираните багери, немаше раздвиженост на работници иако се гледа дека е поставена монтирна барака каква користат градежни фирми за работа на терен.

За потсетување овде завчера имаше протест на аеродромци бидејќи не прифакаат да се исечат дрвјата заради најавеното проширување на улицата.

-Засега е тивко. Може се предомислиле градоначалниците, а може ќе почнат деновиве или денес подоцна. Јас мислам дека треба да се сопре оваа активност, дрвјата се прекрасни и многу попотребни од малку поширока улица, ни рече повозрасен аеродромец кој излезе од блискиот маркет.

Инаку дваесетината стебла се обележани со црвена боја. Нашкрабано е нешто во облик на буквата „С“. Дали тоа треба да значи за некој работник – сечи, не е познато, но убаво се гледа дека сите грвја се здрави, а многу од нив се повеќедецениски и со прекрасни крошни.

Најавената сеча на улицата спроти Воениот базен, односно полициската станица и училиштето „Љубен Лапе“ е непотребна, ни изјави друг аеродромец вчера кога исто така бевме на местото.

-Улицата и не треба нешто посебно да се проширува. Не ми е јасно и зошто дел од дрворедот го надополнија пред една-две години ако сега го сечат, истакна пензионер кој живее во домот токму на улицата.

Од Општина Аеродром објаснуваат дека пробивањето на оваа улица не е во нивна надлежност, туку на Град Скопје, а Градот пак, ветува дека по завршувањето на градежните работи ќе биде засаден дрворед по должина на целата улица.

– Дополнително покрај тројното зголемување на дрворедот, улицата во делот од крстосницата со улицата „Владимир Комаров“ до крстосницата со булеварот „Трета македонска бригада“, ќе добие нови тротоари, велосипедски патеки, нова атмосферска канализација и ново ЛЕД осветлување, стои во објаснувањето од Градот Скопје.

Дали Град Скопје, по укажувањето на дел од аеродромците, ќе ја одложи оваа работа во која главна улога имаат секирите и моторните пили останува да се види. Порано, оние што сега одлучуваат беа многу гласни дека Скопје ќе стане зелен град. Претходно и многу критикуваа кога други градоначалници сечеа здрави и разгранети дрвја.

На потег се градоначалниците Петре Шилегов и Златко Марин.

Претходна вестПендаровски му објасни на светот: Преспанскиот договор е решение за сложени прашања, а за евроинтеграциите…
Следна вестРаботник починал при пад од зграда во изградба